23/04/2024
Охрид

Охридско лето: Јануарската плата доцни поради чекање на уважувањето на согласноста од Министерството за финансии

НУ „Охридско лето“ испрати реакција во врска со денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Во целост ги отфрламе обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на општинската ВМРО ДПМНЕ а во врска со незаконското работење на директорката на оваа Национална установа, Наташа Поповиќ. Изнесените невистини само го рушат реномето на нашата најголемо музичко-сценска манифестација која успешно опстојува веќе 60 години.

Имено јануарската плата доцни поради чекање на уважувањето на согласноста од Министерството за финансии на Република Северна Македонија за вработувањата за кои обвинувате. Постапката е целосно законска, започната во 2019 година со добиена согласност за истата. Во овој изминат период се чекаше уважување на согласноста за 2020. Од друга страна не се работи за никакви партиски вработувања, тоа се лица кои и претходно работеле во Установата со договор на дело.

Не е точно дека сме добиле негативено мислење за годишниот план за вработување за 2019 година. Потенцираме дека целата постапка се одвиваше законски со објавување на оглас од страна на Агенцијата за администрација.

Се прашуваме која е причината за ваквите обвинувања токму од лица кои беа редовни посетители на настаните на минатогодишната програма за кои пак редовно бараа гратиси. Наместо пофални зборови за беспрекорната организација денес слушаме само обвинувања за Фестивалот.“ – стои во реакцијата од НУ „Охридско лето“.