19/04/2024
Охрид

„Охридско лето“ во знакот на 58-от роденден

Фестивалот „Охридско лето“, најголемата музичко-сценска манифестација во Република Македонија и  препознатлив белег  на македонскиот културен идентитет во целиот свет, денеска одбележува 58 години од своето постоење.

Пред да се пресече роденденската торта, директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска на прес-конференција потсети  на почетоците на  фестивалот и изрази огромна благодарност кон неговите основоположници.

-На овој ден со огромна благодарност ја славиме незаборавната оперска дива Ана Липша Тофовиќ која му дари многу љубов но и вечност на сега најголемата манифестација кај нас. Горди сме што ја имаме привилегијата да го продолжиме патот на високите критериуми и богатата традиција.  Приказната  на успешна културна магија која не згаснува до ден денес не може да се гради и надградува ако ја нема  огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком како и нашите помагатели, спонзори, пријатели кои несебично го помагаат развојот и унапредувањето на културата во државава. Благодарност и до сите оние кои неуморно работеле, до сите уметници кои со својот настап го воздигнале Фестивалот и ни ја дадоа честа да славиме успешни 58 години, рече директорката Вренцовска.

Според неа, првата половина од ова фестивалско издание донесе врвни концерти и театарски претстави за кои се бараше карта повеќе, и како што додаде, тоа е доказ дека годинешната програма ги оправда очекувањата на љубителите на театарската и драмската уметност.

-Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан. Огромна е честа да најавиме уште еден роденденски концерт кој ќе се вброи во низата на врвни доживувања кои долго се паметат, групата „Синтезис“,  вечерва со почеток во 21 часот во центарот за култура „Григор Прличев“, најави директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.

Селекторот на драмската програма на фестивалот, Васо Ристов, рече дека е возвишено чувството кога ќе видите светски уметници на фестивалските подиуми, но и преполни концертни сали со публика која не ги штеди аплаузите.

-Убаво е чувството како музички селектор да се слави роденден со вакво фестивалско издание, со целиот тим на фестивалот. Посакувам, како и досега, и сите други фестивалски изданија да бидат успешни, со многу публика, одлична критика, со носење светски уметници кои даваат се од себе со нивната музикалност и имагинација да биде фестивалот на највисоко можно ниво какво што е оваа година. Посакувам, публиката како и досега да ги наградува уметниците со огромен аплауз , изјави селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов.

Дел од членовите на „Синтезис“ денеска по прес-конференцијата, а пред да биде пресечена роденденската торта во култната кафетерија „Аквариус“, ја отпеаја популарната „Среќен роденден“ и посакаа уште многу успешни фестивалски изданија.

-Навистина голема е честа да настапиме денес и изразувам голема благодарност до „Охридско лето“  што ни овозможија да го промовираме нашето најново издание со работен наслов „Остров“, рече Марјан Јовановски, член на групата „Синтезис“.

Според Ване Јовчев од „Синтезис“, посетителите на вечерашниот концерт ќе имаат можност да уживаат во најдобрите нумери на оваа етно-група.

-Честитки до дирекцијата на фестивалот, и посакувам да се множат годините на фестивалот. Сите претходни гарнитури на фестивалот ни овозможиле да ги промовираме нашите проекти, а така е и годинава кога го промовираме нашиот најнов проект „Остров“ којшто ќе биде исполнет со нумери кои го означуваат најдоброто од Синтезис досега. Ќе се потрудиме магијата да ја направиме и во Центарот за култура во Охрид, рече Јовчев.

Концертот на „Синтезис“  во рамките на „Охридско лето“ ќе опфати стари македонски песни  од егејскиот дел на Македонија.

– Во новиот албум се обработени песни од егејскиот дел на Македонија. Повторно стари македонски изворни, традиционални песни  со модерен призвук за да ја доближиме оваа музика  со голема тежина до помладата генерација и до идните поколенија, истакна Анета Шуланковска, еден од вокалите на „Синтезис“.

Одбележувањето на 58-от роденден на „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на познатата етно група во Македонија, „Синтезис“ што ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот, а потоа и со и свечен коктел.

Галерија: