25/04/2024
Охрид

„Охридско лето“во знакот на шпанските и аргентинските танци

Виртуозот на усна хармоника Антонио Серано и врвната пијанистка Констанца Лехнер синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“ приредија концерт за паметење со шпански и аргентински танци. Двајцата уметници кои настапуваат низ целиот свет ја освоија и публиката во Охрид која дојде во црквата „Света Софија“ да ужива во прекрасните звуци кои излегуваа од двата инструменти.

Серано  кој поседува импресивни технички способности на хроматска усна хармоника настапува вторпат на фестивалот „Охридско лето“ по неговото мзуцурање пред повеќе години заедносо светски познатиот гитарист Пако де Лусија.

-На фестивалот „Охридско лето“ настапив пред повеќе години заедно со Пако де Лусија. Среќен сум што сум повторно тука,  но овојпат со мој проект за класично дуо-пијано и усна хармоника. Синоќа за прекрасната публика на „Охридско лето“ изведовме класични композиции од шпански компизитори како Мануел де Фаља, Енрике Гранадос, Пабло де Сарасате, но свиревме и композиции од аргентински автори како што се Астор Пјацола и Карлос Густавино  зашто пијанистката што настапувам потекнува токму од Аргентина. На крајот од концертот направивме микс од шпанска и агентинска музика, изјави Серано кој, како што рече, по настапот на „Охридско лето“ ќе одмара кусо, а потоа ќе продолжи со своите концерти ширум светот.

Репертоарот на Серано се состои од дела од класичната музика, па сè до дела од џез, танго и фламенго музиката. Благодарение на тоа, овој шпански уметник станува еден од најважните импровизатори на својата генерација. Големата популарност му овозможува да соработува со некои од најзначајните шпански музичари. Покрај тоа, настапувал и со повеќе симфониски оркестри во светот, а снимал музика и за некои од филмовите на познатиот светски режисер Педро Алмодовар. Неговата дискографска збирка брои дури 11 сопствени носачи на звук.

Пијанистката Констанца Лехнер има сестран пристап кон музиката, завршувајќи ги студиите по пијано на конзерваториумот „Сан Лоренцо дел Ескориал“ и студирајќи паралелено чембало, стара музика, модерен клавир и џез на „Школата за креативна музика“ во Мадрид. Тоа и овозможило да соработува со најразлични симфониски оркестри и изведувачи од Шпанија и светот.