23/04/2024
Охрид

Охриѓани ја слушнаа приказната на жената која го победи ракот

Денес во Охрид се одржа предавање на тема „Како го победив ракот“, на кое охриѓани имаа можност да се сретнат и да ја слушнат приказната на хероината Билјана Јанеска, жената која го победи ракот.

„Идејата како и сите претходни предавања доаѓа од самиот живот, од предизвиците со кои се соочуваат сите, пред се повозрасните луѓе, и сите сме свесни и знаеме дека ракот/канцерот за жал е една од најголемите причини за смртност меѓу граѓаните во нашата држава и нашиот град. Токму затоа сакавме да покажеме еден редок позитивен пример на жена, вистинска хероина, која што успеала да се справи, да го победи ракот и да живее и понатаму еден квалитетен добар живот. Тоа е тешко искуство да се доживее, а можеби уште потешко да се зборува за тоа, но еве имаме среќа да имаме една таква жена, која што живее со нас во нашиот град и реши да го сподели тоа со сите нас.“ – изјави Катерина Василеска, проектен координатор на Локална агенција за развој Струга.

Билјана Јанеска – жената која го победи ракот, пред присутните ја раскажа својата приказна.

„Отидов во Скопје кај дерматолог, а тој уште на врата кога влегов кај него ми кажа дека ова е малиген меланом, еден од најагресивните канцери што постојат. Ми беше кажано дека може да се шири по кожа, може да оди и длабински, ако е со вертикален раст ако има пробиено некои зони во тој случај е многу опасно и речиси неизлечиво. Направив операција и за жал резултат беше она налошото, малигно со вертикален раст, пробиена границата со можност да е метастазирано на други делови… тоа делуваше навистина страшно. Отидов на Онкологија, а таму ми рекоа штом е помината таа граница штом има пуштено метастаза, меланомот не може ништо да го спречи, не постои хемотерапија која може да му делува, дека немаат никаков лек кој може да го препишат, едноставно ми рекоа да си бидам дома со моите, па Господ колку ќе ме поживее толку.“– раскажа Јанеска.

Понудена и била терапија во Словенија 50 илјади евра, а во Турција за истата терапија и барале 90 илјади евра. Но, превисокиот износ на таква терапија, ја натера да води поздрав живот, почнувајќи од исхраната.

„Интуитивно од старт ја отфрлив сета храна која според мене не е храна, почнав да јадам исклучиво овошје, зеленчук онака како што Господ ни ги дава од природата. Морам да признам дека не се грижев добро за своето здравје од аспект на исхрана. Почнав да јадам исклучиво сирова храна, некако имав верба дека тоа е тоа што треба да му дадам на телото, ислучиво нутритивни вредности.

Пребарувајќи на интернет за клистирање, наидов на објава Клистирање по Герсон, таму пишуваше дека оваа терапија успех дава кај меланом. Јас се воодушевив. Тоа е една природна терапија, поткревање на имунитетот кај луѓето, комплетно прочистување и балансирана храна, каде кажува што точно и кога треба да се јаде. Како да најдов решение на сето тоа што го барам. Бев пресреќна.

Се јавив во клиниката во Будимпешта во Унгарија, таму ми побараа 7 илјади евра за две недели, обука и почетен старт на програмата на терапијата. Во моментот немавме средства, но имав волја, не знаев од каде ќе најдам пари, немав избор, отворивме сметки за донации и за две недели се собраа точно 7 илјади евра, колку што требаше да се уплатат во Унгарија.“– додаде Јанеска.

Според Јанеска, луѓето сфаќаат колку вреди животот тогаш кога се во болница, кога си врзан за апарати и едноставно не знаеш дали ќе излезеш од тука. Затоа треба да се знае колку е важен еден ден од животот и да го живееме секој момент од животот.

WebOhrid