28/03/2024
Македонија

ОН: Можеме да градиме системи за храна кои ќе ја подобрат човековата исхрана

Повеќе од 200 експерти и професионалци од областа на исхраната, здравството, образованието, социјалната заштита и земјоделството се состануваат од вчера во Будимпешта. Тие имаат едно нешто заедничко: уверувањето дека локалните, националните, регионалните и глобалните системи за храна би можеле да придонесат многу повеќе за да го подобрат начинот на исхрана на луѓето.

Дводневниот Регионален симпозиум за одржливи системи за здрава исхрана (Regional Symposium on Sustainable Food Systems for Healthy Diets) е организиран од ФАО и Светската здравствена организација (СЗО), во соработка со УНИЦЕФ и Светската програма за храна (World Food Programme). Тој е четврт во серијата симпозиуми иницирани од ФАО кои се одржуваат низ целиот свет оваа есен – сите имаат за цел да го зголемат потенцијалот на системите за храна за да промовираат здрава исхрана.

На симпозиумот учествуваат владини претставници, парламентарци, претставници од академијата, приватниот сектор, невладини организации, професионални здруженија, земјоделци, кооперативи и граѓанското општество. Различните сектори се здружуваат за да помогнат да се унапредат поволните процеси на политиките, силно поттикнати од Втората меѓународна конференција за исхрана на ФАО и СЗО (Рим, 2014) и како дел од Декадата на дејствувања во поглед на исхраната на Обединетите нации 2016-2025 година. Различните форми на лоша исхранетост – заостанување во растот, слабеење, прекумерна тежина, дебелина, недостатоци на витамини и минерали – се присутни до одреден степен во сите земји од Европа и Централна Азија. Според податоците на ФАО / СЗО, повеќе од 55 проценти од возрасните во регионот имаат прекумерна телесна тежина или се дебели, а милиони луѓе страдаат од анемија и дефицит на јод, цинк, или витамин А и Д.

Многу фактори кои водат кон нездрава исхрана се надвор од полето на личен избор на храна, според службеничката на ФАО за безбедност на храната и заштита на потрошувачи, Елеонора Дупуј, координатор на настанот. Постигнувањето здрава исхрана е мултисекторска и одговорност на повеќе нивоа, истакна таа.

“Денес разбираме дека добрата исхрана не зависи само од продуктивноста на земјоделството, туку и од целосните системи за храна – од начинот на планирање на производството до потрошувачката”, истакна Дупуј.

“Треба да погледнеме во синџирите на вредности и во секој елемент на системите за храна за да утврдиме каде хранливата вредност е изложена на ризик од губење или каде има можности да се зачува или подобри”, вели Дупуј. “Треба да размислиме за инфраструктурата како што се капацитетите за складирање и преработка, патиштата и пазарите, за да се осигуриме дека хранливата и безбедна храна е физички достапна за луѓето и во оддалечените рурални области и во внатрешноста на градовите. Целта е никој да не биде изоставен”.

Недоволното разбирање за тоа што ги сочинува одржливите системи на храна, или што значат одржливи, здрави начини на исхрана, исто така, може да биде пречка, истакна Дупуј. Училиштата и воспитувачите можат многу да придонесат тоа да се промени. Подигнувањето на свеста е исто така важно и во другите сектори, како што се здравствената и социјалната заштита.

“Недоволното разбирање за тоа што ги сочинува одржливите системи на храна, или што значат одржливи, здрави начини на исхрана, исто така, може да биде пречка. Училиштата и воспитувачите можат многу да придонесат тоа да се промени”– истакна Дупуј.

Службеник на ФАО за безбедност на храна и заштита на потрошувачи

-Самото земјоделство може да придонесе повеќе за нивоата на исхрана отколку што во моментов постигнува. ФАО промовира диверзификација на културите – префрлајќи се од доминантните основни зрна кон недоволно искористените локални култури богати со микронутриенти. Често, локалната биолошка разновидност, знаењето и традиционалните практики може да послужат како основа за подобрување на исхраната.

“Потребно е да градиме мостови помеѓу различните професионални области и владините сектори, со цел да имаме заедничко разбирање за секој потенцијален придонес и одговорност”, рече Дупуј. “Меѓу другото, тоа ќе ни помогне да ги идентификуваме можностите за стратешки партнерства и да ги мобилизираме потребните ресурси”.

Ниско квалитетните режими на исхрана се број еден фактор на ризик за незаразните болести како кардиоваскуларни заболувања, рак, респираторни заболувања и дијабетес, според податоците на СЗО.
Агендата 2030 и Целите за одржлив развој јасно покажуваат: безбедноста на храната и здравата исхрана за секој – се фундаментални. Ако луѓето се соочуваат со лоша исхрана и лоша здравствена состојба, многу други развојни цели се изложени на ризик.