28/03/2024
Дебрца

Општина Дебрца финансиски ќе им помага на семејствата кои имаат деца со аутизам

Втори април е Светскиот ден на свесноста за аутизмот, ден кој нè потсетува дека околку нас има лица кои не смееме да ги заборавиме и лишиме од општествените процеси, од времето и просторот кои им се потребни, интеграцијата и инкулизијата.

„Имаме многу другарчиња кои играат малку поинакви игри, кои прават малку поинакви шеги и кои сакаат на еден уникатен начин. Толку слични, а толку различни, совршени! Како Градоначалник се залагам да се разбуди свеста кај сите нас, да им се помогне на овие дечиња и заедно да се разбудиме во едно подобро, пофункционално и похумано општество“, вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Градоначалникот Ногачески ги охрабрува и родителите кои имаат вакви дечиња да не се стигматизираат, ниту да губат верба.

„Тие само на поинаков начин ги остваруваат своите соништа. И тоа не ги спречува да сонуваат, напротив!  Како родители и луѓе кои се дел од ова општество, мораме да им дадеме доволно простор за да се изразат, да ги поддржиме во нивните мали подвизи и да им покажеме дека не постојат граници, дека можат да бидат сѐ што ќе посакаат! “- вели Ногачески.

Ногачески најавува дека деновиве со поддршка на Општината во основните училишта во Дебрца, со овие дечиња ќе започне да работи стручно лице-волонтер и затоа бара соработка и поддршка од родителите. Исто така, согласно Годишната програма од областа на социјалната и здравствената заштита, Општината материјално ќе ги помага семејствата кои имаат вакви дечиња.

„Различноста е убава! И затоа, да покажеме дека тие не се сами, ние сме со нив и да се избориме за еден свет за сите!“- додава Ногачески.

WebOhrid