Општина Дебрца и ЈКП „Дебрца“ најодговорно тврдат дека се преземаат сите мерки за воведување ред во водоснабдувањето

ЈКП „Дебрца“ испрати реакција во врска со објавеното соопштение И народот и Манастирот се оставени на милост и немилост на луѓето кои ја контролираат водата испратено до медиумите од страна на Манастирот „Сите Светии“ – Лешани. Во реакцијата стои:

„Се најдовме повикани да одговориме и да се оградиме од обвинувањата за тоа дека, цитираме: “Не се известува за рестрикциите за вода кои ги воведува општината Дебрца”. Имено, општина Дебрца и ЈКП-Дебрца, најодговорно тврдат дека се преземаат сите мерки во рамки на нашите можности за воведување на ред во водоснабдувањето, посебно за време на летниот период. Во контекст на вашето обвинување сакаме да ве информираме дека континуирано се апелира до населението за посовесно и порационално искористување на водата, а последното такво соопштение (ЈКП „Дебрца“ со апел за посовесно и рационално користење на водата) кое го објавија речиси сите локални медиуми беше испратено на 13.08.2019.

Почитувани сограѓани, ја користиме оваа прилика уште еднаш да апелираме до сите жители на општина Дебрца дека водата од водоводната мрежа не треба да се користи за наводнување на нивите, парковите и градините, барем за време на изразито сушните периоди како овој со кој се соочуваме оваа година.

ЈКП- Дебрца најпосветено работи за надминување на овој проблем, но решението го лоцира во зголемување на совесноста на поедини граѓани, барем во наредните неколку недели, додека не се нормализира капацитетот на изворите на водоснабдување.“ – стои во реакцијата од ЈКП „Дебрца“.