29/03/2024
Дебрца

Општина Дебрца работи на подготовка на три стратешки документи за одржлив развој

Во нашата изборна програма ја зацртавме нашата визија за Дебрца како општина со одржлив економски развој, доволно атрактивна за привлекување на нови инвестиции, што индуцира пораст на вработеноста и останување на младите, со изградена локална инфраструктура, посакувана дестинација за рурален туризам, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, заштитено културно-историско и природно наследство, подобрена социјална средина, привлечно место за живеење и создавање.

За да дојдеме до посакуваната цел најнапред е потребно да се изработат основните стратешки документи. Минатата година ја донесовме Стратегијата за енергетска ефикасност на општината, како и Планот за зачувување на Белчишкото Блато-Сини Вирој.

Со цел остварување на визијата за современа и економски развиена Дебрца, општината моментално работи на подготовка на уште три стратешки документи, вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.


Со финансиска и стручна помош од тимот на UNDP се изработува Интегриран план за локален развој. Целта на овој документ е преку инклузивен пристап на сите засегнати чинители да се детектираат предностите, слабостите, потребите и можностите во општината. Врз основа на тоа да се формираат стратешките цели, да се определат мерките и преку реализација на потребните проекти да се оствари визијата.

Исто така, со финансиска ( одобрени 5000 евра ) и стручна помош од тимот на UNDP ќе се изработи нов Локален еколошки акционен план ( ЛЕАП ), а за што советот на општината на последната седница едногласно ја прифати иницијативата на градоначалникот.

Со средства од Буџетот на општината во тек е изработка на Физибилити студија за реконструкција и модернизација на јавното осветлување во општината.

При изработката на овие стратешки документи се владееме од “Агенда 2030” на Обединетите Нации, која содржи 17 цели за одржлив развој.

Мотото на “Агенда 2030” е “Никој не смее да биде запоставен” , а се со единствена цел, да се обезбеди континуиран напредок на квалитетот на живот и благосостојба и да се обезбеди одржлив развој за сегашните, без да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации, додава градоначалникот Ногачески.