29/03/2024
Охрид

Општина Охрид: Да се става теснопартискиот над јавниот интерес и натаму е практика на ВМРО-ДПМНЕ

Во врска со денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Општина Охрид испрати реакција во која стои:

„Да се става теснопартискиот над јавниот интерес и натаму е практика на ВМРО-ДПМНЕ. Политички неуко и анахроно е да се обвинува Општина Охрид дека нелегално изведувала инфраструктурни зафати без потребната документација, а тие зафати се од јавен, а не од личен интерес.

Кружниот тек кај Општата болница, кој се реконструира, ќе го користат сите граѓани без разлика на нивната партиска припадност. Покриеното автобуско стојалиште од дожд и снег ќе го користат сите, без никој да им бара партиска книшка. Но, за Вас од раководството на ОК на ВМРО-ДПМНЕ очигледно не Ви се важни граѓаните, туку собирањето на ефтини политички поени.

На јавноста наместо Вашите инсинуации ќе им презентираме факти.

  • Поради катастрофалната состојба на кружниот тек кај Општата болница чија моменталната состојба е идентична со онаа во 2016 година, неминовно беше да се изврши реконструкција и подобрување на сите сообраќајни перфоманси. Согласно тоа се изготви Основен проект за реконструкција со сообраќајно решение, ревизија на истиот и изготвен е и проект за времен режим на сообраќај. За целата документација изготвени се соодветни решенија и согласности од надлежни институции. Согласно законот за јавни набавки и проектната документација избран е изведувач на работите кој ги извршува градежните активности.Од страна на надлежните служби на Општина Охрид издаден е налог на надзорниот орган, кој согласно законот извршува надзор на градежните работи. Стручните служби на Општина Охрид секојдневно ја следат динамиката и квалитетот на изведените работи.
  • Што се однесува до преместувањето на автобуската постојка од зградата „Печијаре“ кај пекарата „Мартина“, истата е дислоцирана согласно акт од Министерството за внатрешни работи и Програмата за урбана опрема која е изгласана од страна на Советот на Општина Охрид.
  • Општина Охрид не врши реконструкција на кружниот тек на булевар „Туристичка“ со пресек со улица „Бистрица“, туку тоа го прават надлежните државни институции кои се надлежни за оваа сообраќајница.

За крај, секојдневната работа на решавањето на проблемите на охриѓани бара многу поголема сериозност и посветеност од читањето на штанцани партиски соопштенија во пресрет на избори. Граѓаните на Охрид многу добро ја знаат разликата.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.