16/04/2024
Охрид

Општина Охрид доби донација за лицата со посебни потреби

Денес во присуство на министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот Јован Стојаноски, Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите СОС БАЛКАНМЕДИА – Охрид, на Општина Охрид и врачи донација за лица со посебни потреби.

„Ние ја почнавме комуникацијата со здруженијата уште пред една година, имаше проблем со помагала, со оглед на тоа што претходно воведениот систем беше несоодветен, да се даваат помагала во аптека, а да нема кој да земе мерка и таму да се прават прегледи. Разговаравме и со Фондот за здравство, па се пристапи кон промена на правилникот, па сега помагала повторно ќе се издаваат во ортопедските куќи. Тие имаат инфраструктура, многу искуство, експертиза. Дел од договорите со нив се веќе склучени, во следниот период ќе се потпишат договори и со останатите ортопедски куќи“- истакна министерот  Филипче.

Градоначалникот Јован Стојаноски, заблагодарувајќи се на донацијата, истакна дека на овој начин Охрид станува една од понапредните општини, особено во делот на грижа за лицата со посебни потреби.

„Планираме овие лица да добијат можност за едношалтерска услуга, а потребната документација ќе им биде доставувана преку лице со телесен хендикеп, кое ќе биде вработено во општината. Исто така планирано е Центарот за социјална работа да има канцеларија во локалната, исклучиво наменета за лицата со посебни потреби. Со ова мислам дека ќе бидеме една од понапредните општини“, рече Стојаноски.

Донацијата е во вредност од 25.000 евра, а се состои од 4 пристапни рампи, од кои една е наменета за инвалидизирани лица за нивно непречено движење во општинската зграда, а другите ќе бидат поставени во ОУ „Св.Климент Охридски“.