28/03/2024
Охрид

Општина: Оваа локална власт оствари резултати кои ВМРО-ДПМНЕ не успеа ни да ги замисли за 11 години централна и 4,5 години локална власт

Општина Охрид испрати реакција во врска со соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид (Целата јавност виде дека воопшто нема активности за отстранување на нелегално изградениот ѕид во авто-кампот „Градиште“).

Во реакцијата стои:

„Очајната потреба за поголема присутност во јавноста за ВМРО-ДПМНЕ прераснува во вистински циркуз. Нивните соопштенија и јавни настапи, со кои сакаат да купат трошка доверба кај охриѓани се тотално промашување и надвор од сите логични норми за политичко дејствување на една опозиција.

Нејасно е како без ниту малку срам ја отвараат темата за УНЕСКО, кога многу добро знаат дека оваа локална и централна власт предводена од СДСМ презедоа многу значајни чекори во рамки на заложбите за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство, кој го поседува Охридскиот регион, за разлика од власта на ВМРО-ДПМНЕ кои не само што не ги решаваа проблемите, туку и вешто ги сокриваа од јавноста.

Ги прашуваме дали толку лицемерно сакаат да ги лажат граѓаните, па почнале и самите да си веруваат во сопствените лаги и дали навистина не знаат дека забелешките и препораките од УНЕСКО дојдоа како резултат реактивната мисија за Охридско-Струшкито регион од 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ имаше комплетна власт и на локално и на централно ниво? Што направија и какви мерки презедоа тогашниот градоначалник Никола Бакрачески и тогашниот премиер Никола Груевски за да го зачуваат статусот на УНЕСКО? Зошто не донесоа План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион? Колку бесправни градби отстранија тие и колку диви градби никнаа во време на нивното владеење, кога подготвуваа мегаломански проекти и сакаа да изградат “парапетче” околу целото Охридско Езеро? 

На охриѓани им е повеќе од јасно дека оваа локална власт предводена од градоначалникот Константин Георгиески, со комплетна поддршка на централната власт, преку посветена работа оствари резултати кои што централна власт на ВМРО-ДПМНЕ не успеа ни да ги замисли за 11 години централна власт и 4,5 години локална власт во Охрид?

Во однос на отстранување на дивоградбите за кои што се толку многу “загрижени”, би ги запрашале господата од ВМРО-ДПМНЕ Зошто вчера не ја поддржаа одлуката на Советот на Општина Охрид со која беше предвидено обезбедување на 3 милиони денари од општинскиот буџет за отстранување на бесправно изградени објекти?“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.