18/04/2024
Охрид

Општина: Состојбата во која го затекнавме Охрид бараше да се започне скоро од нула

Во врска со прес-конференцијата од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Почитувани колеги од ВМРО-ДПМНЕ,

Не толку одамна Вие бевте на власт во Охрид, управувавте со градот и Вие добро знаете како се чисти и одржува истиот, особено во шпицот на сезоната.

Наместо да се препукуваме со голи фрази, за кои и самите добро знаете дека немаат скоро никакво значење, Ви нудиме Вам, но првенствено на граѓаните на Охрид, кои добро знаат како и колку е чист градот неколку фотографии од утрово, па нека проценат самите, а и Вие, дали и колку е чист градот.

Состојбата во која го затекнавме бараше да се започне скоро од 0 во средувањето на состојбите во градот. Го оставивте ЈП „Охридски комуналец“ во очајна состојба, а од „Мауцкер“ направивте растоварна станица на комунален отпад.

Новата локална самоуправа, согледувајќи ги овие состојби, во соработка со Министерството за животна средина на Република Македонија распиша тендер за расчистување и санирање на дивата депонија „Мауцкер“. Општина Охрид набавува 7 нови специјални комунални возила за подигање на отпад, во насока на комплетна обнова на возниот парк на ЈП „Охридски комуналец“, од чиј сопствен буџет се издвени средства за набавка на 3 возила со кои секој ден се сервисираат услугите.

За информација на граѓаните, се коси и чисти на дел од магистралните патишта кон Св. Наум, до Св.Стефан и од собраќајна клучка до Подмоље. Иако знаете дека тоа не е наша обврска. Тоа се прави за да имаме чист град, за туристите, но најмногу за нашите граѓани, кои 365 дена живеат во Охрид. Градот се чисти во 3 смени и резултатите од тоа се видливи. Паралелно се реализира проектот „Прати слика, пријави отпад“, во кој граѓаните секојдневно не информираат за местата каде има повеќе ѓубре, што се санира во најбрз можен рок.

Изминатиов период се одвиваше редовно чистење после сите музички, забавни и спортски настани на СЦ „Билјанини извори“, „Долни сарај“, Антички театар и градските плоштади. Во летниот период е неколку кратно зголемена фреквенцијата на луѓе, нашите возила тешко се движат по градот, но и покрај тоа успешно се завршија сите работни задачи.

Би Ве запрашале:

– Дали во период од само 8 месеци, од кога е новата локална власт во Охрид, е можно да се наталожи толкава количина на отпад на „Мауцкер“?

– По кој основ, двајца вработени во период од 3 месеци земале директорска плата? За да имате подобри резултати или поголема штета?

– Дали знаете колкава количина на отпад се носи со години на „Мауцкер“?

Почитувани,

Подготвени сме за критика и не сме совршени. Меѓутоа, таа да биде реална, добронамерна и конструктивна, а не критика со цел да се добијат ситни политички поени. Граѓаните не забораваат, Вие заборавивте кој им ги расчистуваше објектите погодени од невремето и кој беше солидарен со нив. Да не го потценувате трудот на сите вработени кои работат во сите услови за почист град.

Охрид е повеќе од политика и повеќе од партија. Охрид може и знае и сите заедно ќе го направиме достоинствено и прекрасно место за живеење.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.