28/03/2024
Спорт

Оптимистички пред Летонија и јубилејот на Пандев

Репрезентацијата на Македонија ги заврши подготовките за стартот на квалификацискиот циклус за ЕВРО 2020, а пред утрешниот воведен натпревар со Летонија на официјалната прес конференција оптимистички се изјаснија селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев.

Очекувам да бидеме на она ниво кое бевме во минатите натпревари. Да одиграме максимално и да оствариме победа. Ние сме подготовени. Јас кажав дека е задоволство да се работи со овие момци, и најдоброто издание го очекувам во следните натпревари. Длабоко верувам во нив и допрва од нив ги очекувам најдобрите натпревари. Јасно ми е на мене и на фудбалерите дека нема лесни противници и така ќе играме на секој натпревар. Најсилното оружје на Летонија се прекините и тие воздушни дуели, и мора да внимаваме на тие сегменти. Постојат и слабости, и се надевам дека ќе ги искористиме“, изјави селекторот Игор Ангеловски.

Утрешниот дуел со Летонија ќе биде посебен за капитенот на нашиот национален тим. Нашата “десетка” Горан Пандев ќе го игра својот јубилеен 100-ти натпревар во дресот на  националниот тим. Капитенот не го криеше задоволството поради овој јубилеј а додаде дека посакува сето ова да се заокружи со победа и гол над Летонија. 

Сигурно дека сум среќен за овој 100-ти натпревар, мој убилеј, но за нас најважно е да влеземе максимално ангажирано во овој натпревар. Се надевам дека на овој јубилеј ќе оствариме победа. Се надевам дека и публиката ќе дојде во што поголем број. Оваа генерација тоа го заслужува, а поддршката е многу важна. Во последните години ја вративме самодовербата на оваа репрезнтација, имаме одлична атмосфера. Функционираме како една фамилија и се надевам дека прва цел е победата, а дури потоа да постигнам гол на овој јубилеј. Се надевам дека нема да застанеме и ќе ја продолжиме формата од Лигата на Нации“, рече капитенот Пандев.

Натпреварот Македонија-Летонија се игра утре на националната арена “Филип Втори” во Скопје со почеток од 20:45 часот.