28/03/2024
Македонија

Осма регионална конференција на Националните коoрдинатори за мало и лесно оружје

„Размената на податоците и сознанијата, особено на оние кои се однесуваат на видот, типот и балистичките карактеристики на оружјето е важна алка при откривање на сторителите на вооружени насилства. Успешната борба против овој облик на криминал бара надминување на тесните национални граници на државите и нивните можностите, особено во поглед на контролата на оружјето. Соработката е насушно потребна, пред се ако ги имаме на ум сериозните терористички напади со кои се соочува европското тло во изминатите неколку години“.

Ова меѓу другото го истакна државниот секретар при Министерството за внатрешни работи г-ѓа Магдалена Несторовска во своето обраќање во рамки на Осмата регионална конференција на Националните коoрдинатори за мало и лесно оружје што во изминативе два дена се одржа во Скопје.

Несторовска, нагласувајќи го очекувањето за поактивно споделување на стекнатите сознанија, како и практичните и теоретските информации за сите аспекти од употребата и чувањето на оружјето, посочи дека само на тој начин, директно и заеднички, ќе се придонесе кон подигање на нивото на општата безбедност како во сопствените земји, така и безбедноста на регионот, воопшто.

„Заложба на Владата на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи е да работи на подигање на нивото на безбедност граѓаните во државата, што нужно условува превенција, контрола и искоренување на пролиферацијата на нелегалното оружје, во согласност со релевантните и меѓународните иницијативи, стандарди и документи за контрола на оружјето и муницијата“, потенцираше државниот секретар Несторовска.

Притоа, според Несторовска – “ во остварување на оваа заложба, прва и можеби најважна работа, е подигање на свеста на јавноста. Потребно е отварање на широк фронт на субјекти вклучени во реализација на оваа заложба, почнувајќи од најмладите преку концепирање на посебни програми во нивните социјални и образовни установи, преку осмислени и координирани активностите на мноштвото државни органи и установи, во соработка на невладиниот сектор, во рамки на меѓународните иницијативи и меѓународните организации“.