Османи: Датумот за преговори е огромен успех за Македонија, но и поттик за напред на целиот Западен Балкан

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Приштина, оствари средба со Претседателот на Косовo – Хашим Тачи.

На средбата беа отворени темите за напредокот во соработката меѓу двете земји, особено прекуграничната соработка, за европските перспективи на Западниот Балкан, во евроинтегративните процеси, како и очекувањата од претстојните самити на Европската Унија.

„Датум за преговори за Република Македонија, претставува пресвртна точка за нашите европски интеграции, но и важна одредница за европските перспективи на целиот Западен Балкан“, изјави Османи, изразувајќи притоа задоволство што целиот регион забележително се движи во европски правец и постои кредибилна перспектива за напредок за секоја од земјите.

„Затворивме исклучително комплексен и тежок спор меѓу Македонија и Грција, што претставува меѓудржавен дипломатски успех кој верувам ќе се наметне како начин на затворање на отворените прашања меѓу соседите во целиот регион“, истакна Османи, додавајќи дека заедно со успешното имплементирање на Договорот за добрососедство со Бугарија, на дело ја демонстрира сериозноста и зрелоста на Македонија и нејзините соседи.

Во текот на работната посета, Вицепремиерот Османи ќе оствари средба и со Потпретседателот на Владата на Косово, Енвер Хоџај, каде фокус на разговорите ќе биде соработката меѓу двете влади.