18/04/2024
Македонија

Османи и Дураки во посета на општина Дебар

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска заедно со Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки ја посетија општина Дебар.

Во рамки на денешната посета на општина Дебар тие остварија средба со градоначалникот на општината Ружди Љата, во рамките на која тие разговараа за тековните проекти кои се реализираат во општина Дебар, за идните активности кои се планираат во истата, а беа разменети мислења и во врска со започнувањето на нови проекти кои би се финасирале од страна на ИПА спрема потребите на општината.

Вицепремиерот Османи изјави дека како главен преговарач за скрининг процесот со ЕУ токму денеска од Дебар го почнал карванот за европеизација на државата и општеството.

„Ова е моја прва теренска активност по назначувањето од страна на Владата за главен политички преговарач и карванот за европеизација на државата и општеството, го почнувам токму од Дебар. Тука видов дека има капацитет, капацитет има и во Владата и подготвени сме енергијата која се ослободи по добивањето покана за членство во НАТО целосно да ја насочиме кон остварувањето на обврските. Сметам дека нема да остави индиферентен никого и ќе бидеме дел од таа консензуална желба на граѓаните да бидеме дел од ЕУ и НАТО, рече Османи.

По средбата во просторите на општината, владините претставници и градоначалникот извршија увид на новоизградените инфраструктурни проекти во Дебар.