25/04/2024
Македонија

Османи: Имплементацијата на Планот 18, основа за уште еден позитивен извештај од ЕК

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи во рамките на посетата на Брисел одржа брифинг пред претставниците на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан / проширување (КОВЕБ/КОЕЛА) каде информираше за процесот на европската интеграција на земјата.

На состанокот Османи брифираше за напредокот на земјата во испорачување на предвидените реформи во насока на подготовка на земјата зa почеток на преговорите за членство со Европската Унијата, посочувајќи притоа на динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Имаме исклучително успешна динамика на имплементација на предвидените реформи до Планот 18, што верувам дека ќе резултира со уште подобар извештај на Европската Комисија од минатогодишниот, заедно со уште една безусловна препорака до Советот на ЕУ“, истакна Османи, изразувајќи недвосмислено очекување дека овој напредок ќе резултира со конфирмација на одлуката на Советот на ЕУ во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.

За време на работната посета на Брисел Вицепремиерот Османи ќе земе учество и на брифингот во влијателниот тинк-тенк Центар за европска политика (ЕРС) на тема „Северна Македонија на патот кон ЕУ: ‘Хоум ран’ во преговорите за пристапување?“. Подоцна Османи ќе учествува и на Конференцијата на тема: „Безбедност во ЈИЕ – безбедност низ Европа” во организација на Фондацијата Ханс Сејдел (Hanns Seidel Foundation), а ќе оствари и средби со Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.