19/04/2024
Охрид

Основци од „Григор Прличев“ во посета на печатницата „Коста Абраш“

Денес учениците од третите одделенија од ОУ „Григор Прличев“ –Охрид и од подрачното училиште во Населба Рача ја посетија печатницата „Коста Абраш“. Посетата беше одлична можност учениците да го запознаат процесот на употребата на различните видови на хартија , што е во состав со предметот природни науки и темата за хартија која ја изучуваат.

Посетата беше одлично организирана и од страна на вработените на учениците им беа покажани печатарските машини, разните видови хартија кои се користат за изработка на новогодишни пакетчиња, кутии за лекови, книги, сликовници. Учениците имаа бројни прашања на кои вработените одговараа и сите ученици за подарок добија боенка која се печати во печатницата.

Ваквите посети се одлична можност да се дополнат и продлабочат знаењата на учениците, а директниот пристап им останува длабоко мемориски врежан. Ова е прекрасна професија, па можеби некои од учениците ќе се пронајдат токму во неа.