23/04/2024
Македонија

Отворен Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје од НОВ

Со постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ денеска беше отворен Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944). Станува збор за повторното отворање на Меморијалниот музеј со нова, изменета и надополнета поставка на целосно реновираната прва партизанска оружарница во Скопје, која во 1981 година била пренаменета во музеј …

Во рамките на поставката се изложени околу деведесет предмети од скопските илегални работилници, како и предмети од времето на Втората светска војна, кои се дел од фондот на Музеј на град Скопје.

Со обновувањето на Меморијалниот музеј, историјата на антифашистичко Скопје, на партизаните, на диверзантските групи, на првиот скопски партизански одред, повторно стануваат дел од градските културни политики, одбележувања и други содржини. Овој Музеј кој се наоѓа на левата страна на Кејот на Вардар, зад Археолошкиот музеј ќе биде уште една точка во туристичката мапа на Скопје, најавуваат градските власти.

Отворање на Музејот симболично се случува на ден кога пред точно 75 години, по долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, биле убиени народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.

Автор на новата изменета и надополнета поставка на Музејот е Зоја Богдановска, виш кустос историчар.