25/04/2024
Македонија

Отворена изложба на Националната галерија на Македонија во Косово

Државниот секретар на Министерството за култура на Република Македонија, Валмир Азири, вчера во просториите на Националната галерија на Косово во Приштина ја отвори изложбата “Суштината на постоењето”, проект на Националната галерија на Македонија, во кој се вклучени дела на над 20 истакнати современи уметници од земјава…

Овој патувачки проект од Македонија доаѓа на Косово како резултат на потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу двете институции, која започна да се реализира практично оваа пролет со изложбата „Млади уметници Косово 2016″ во Скопје, на која се претставија Агон Блакчори, Бујар Сулејмани, Колективот ХАВИТ, Јетула Сулејмани и Луан Бајрактари.

Во својот говор, државниот секретар Азири ја истакна важноста на соработката меѓу Р.Косово и Р. Македонија, потенцирајќи дека ова е пример за тоа како треба да функционира соработката меѓу двете соседни земји.

„Во оваа прилика сакам да им честитам на двете институции за постигнатите резултати во многу кратко време, давајќи пример за тоа како треба да функционира соработката меѓу две соседни земји, со зајакнување на духовната и културна соработка што недостасуваа со години“, истакна Азири.

Тој исто така нагласи дека тоа што им преостанува на културните институции и политичарите во Македонија и на Косово е да го следат патот што уметниците го отвораат пред нас – патот на силна и поинтензивна соработка, за доброто на сите.