Отворена изложбата „100 години Требениште“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој воедно е и покровител, ја отвори изложбата „100 години Требениште“ поставена во Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија.

На овој свечен и исклучително значаен настан, кој се остварува во соработка со Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија, присуствуваа и министрите за култура на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, Асаф Адеми и Боил Банов, помошникот на министерот за култура и информации на Република Србија, Асја Драча Мунтеан, како и директорите на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија Горан Санев, на Националниот археолошки институт и музеј во Софија Христо Попов, и директорката на Народниот музеј во Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ, како и други бројни претставници на Владата и на Собранието на РСМ, на научната и културната јавност од трите земји, и на дипломатскиот кор во нашата земја.

Премиерот Заев истакна дека оваа изложба е од огромно значење заради исклучителните артефакти презентирани на неа, но и заради на раководителите и кустосите на трите институции од Северна Македонија, Бугарија и Србија кои направија историски чекор кога се согласија дека најсоодветен начин да се прослави 100 годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет, е да се подготви заедничка изложба на која за првпат во историјата се претставуваат сите наоди од некрополата кај Требениште.

„Требениште е безвременска загатка која обединува. Загатка која за прв пат во својата историја пред нашата и светската јавност се претставува во нејзината блескава целина, и која од Скопје потоа ќе замине да биде претставена пред јавноста во Србија и Бугарија. Оваа благородна иницијатива говори за одважноста и за доблеста на слободоумните и прогресивни лидери во науката и уметноста да ги тргнат разликите настрана и да се фокусираат на нештата што обединуваат, наместо на нештата што разделуваат“, рече премиерот Заев на отворањето на изложбата и додаде дека епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, сега имаат шанса заеднички да ја решат националните историско-археолошки институции од Бугарија, Србија и Северна Македонија, во соработка со соодветните институции и од другите соседни земји.

Министерот за култура на Република Северна Македонија, Асаф Адеми во своето обраќање рече дека изложбата „100 години Требениште“ е своевидна круна на пријателството меѓу три држави, чин кој потврдува дека помирувањето токму преку културата пристигна на овие простори.

„Верувам дека овој проект е само почеток на една одлична соработка и дека во иднина, граѓаните на трите држави ќе имаат можност да видат уште многу други настани, каков што е овој. Со поддршка од матичните министерства за култура, но и со поддршка од европските фондови, ќе се реализираат уште многу нови активности преку кои ќе го афирмираме заедничкото европско културно наследство“, порача министерот за култура на Република Северна Македонија, Асаф Адеми.

Во своето обраќање, директорот на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија, Горан Санев подвлече дека интересот за Требениште сигурно нема да заврши со нашата изложба, ниту пак напишаните научни трудови во каталогот кој ја следи истата не се последните зборови што археологијата ќе ги каже за овој локалитет.

„Тоа го знаевме од самиот почеток на заедничката подготовка на изложбата, а во изминатите година и половина се открија и многу досега непознати за сите нас ситуации и предмети кои отворија нови прашања на кои допрва ќе се бараат одговорите. Оттаму, со посебно големо задоволство можам да кажам дека по цели 100 години од откривањето на првата златна маска, повторно се растлеа еланот за продолжување на истражувањата на некрополата Требениште, но овој пат не поединечно како во 1918 или во 1930-34, во 1953-54, или во 1972 година, туку заеднички, како генерација археолози од Македонија, Србија и Бугарија – наследници на истражувачите на Требениште од минатиот век“, рече директорот на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија Горан Санев.

На отворањето на изложбата за нејзиното значење и за значењето на соработката за нејзината подготовка говореа и министерот за култура на Бугарија Боил Банов, помошникот на министерот за култура и информации на Србија, Асја Драча Мунтеан, како и директорката на Народниот музеј во Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ и директорот на Националниот археолошки институт и музеј во Софија, Христо Попов.


Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Колку е убаво кога сме заедно сите и тоа нé исполнува сигурно сите. Денеска сме на настан кој ни овозможува средба со историја стара 27 векови. Отворањето на изложбата „100 години Требениште“ е наслов на приказната за скапоцените траги на една исклучително богата култура откриена пред 100 години во близина на Охрид, или некогашен Лихнидос.

Пред 100 години започна да се одмотува филмската лента исполнета со артефакти за една мистериозна, историска и културна загатка, која денеска, овде, во Археолошкиот Музеј во главниот град на Република Северна Македонија, ги обединува сите три дела од нејзината блескава севкупност. 

Таа е резултат на исклучително значајната иницијатива на трите институции: Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија во Скопје, Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија, каде што се чуваат вредните артефакти од локалитетот Требеништа, откриени во различни декади на минатиот век.

Раководителите и кустосите на овие институции направија историски чекор кога се согласија дека најсоодветен начин да се прослави 100 годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет, е да се подготви изложба во која за првпат во историјата ќе се претстават заеднички сите наоди од некрополата кај Требениште. 

Изложбата со нејзините околу 400 вредни археолошки предмети, заедно со фотографиите и архивските наоди, има за цел да ги прикажe митот и загатката за Требениште. Милиони вредни информации и одговори откриваат мноштвото погребни маски, златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, сребрени ритони, кантароси, бронзени садови, предмети од сребро, килибарни ѓердани и друг накит, оружје и керамички предмети и што уште не.

Почитувани, Требениште е безвременска загатка која денес обединува. Загатка која за првпат во својата историја пред нашата и светската јавност се претставува во нејзината блескава целина, и која од Скопје потоа ќе замине да биде претставена пред јавноста во Србија и Бугарија.

Оваа благородна иницијатива говори за одважноста и за доблеста на слободоумните и прогресивни лидери во науката и уметноста да ги тргнат разликите настрана и да се фокусираат на нештата што обединуваат, наместо на нештата што разделуваат.

Резултат на оваа иницијативност, која прифаќа дека разликите можат да се трансформираат во скапоцен дар за соработка е оваа изложба. Изложба која трите земји ја принесуваат пред олтарот на светските цивилизациски вредности за да сведочи и низ придонесот на Требениште, за немерливото и непроценливото културно-историско наследство што овој  регион, Балканот, го има во своите археолошки локалитети.  

Златните маски и другото археолошко богатство од Требениште предизвикуваа многу генерации археолози да ја откријат приказната за непознатата аристократија што живеела крај брегот на Охридското Езеро во текот на периодот од 6-тиот до 4-тиот век пред нашата ера.

Сега епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, имаат шанса заеднички да ја решат националните историско-археолошки институции од Бугарија, Србија и Северна Македонија, а зошто да не, и во соработка со соодветните институции од Грција.

Токму затоа, со оваа изложба и заедничка иницијатива, приказната за Требениште и за нејзините историско-археолошки вредности сега добива една нова голема шанса, која јас со целото свое битие и Владата која ја водам искрено ја поддржуваме. 

Ја користам можноста да ја прогласам оваа прекрасна изложба за отворена!