29/03/2024
Охрид

ОУ „Кочо Рацин“ со награди на настанот Ноември – Месец на науката“

Настанот „Ноември – месец на науката“ се одржува вторпат. Оваа година активностите се реализираат на Институтот за хемија на ПМФ, а координатор е Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ). Во организацијата се вклучени Македонското биолошко друштво, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Македонското географско друштво, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското еколошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти биолози и Природно-математичкиот факултет. На настанот се застапени активности од областа на биологијата, физиката, хемијата, географијата и математиката. Овој викенд беше наменет за учениците од седмо, осмо и деветто одделение – 18 ноември за седмо и осмо, а 19 ноември – за деветоодделенците. Учениците изведуваа експерименти и демонстрираа, во програмата имаше научно-популарни предавања на интересни теми од природни науки и математика, презентации од наставници, а најуспешните беа наградени.

И оваа година, ученици од ОУ„Кочо Рацин“ под менторство на наставничката по биологија Татјана Лошкоска учествуваа на манифестацијата. Трите демонстрации со кои учествуваа учениците беа наградени со втори награди. Наградите ги освоија следните ученици: Марија Танаскоска (VII одд.), Михаела Василеска и Тамара Илојоска (IX одд.) и Елеонора Новичиќ и Марија Ѓореска (IX одд.). Истите ученици од деветто оделение учествуваа и освоија награди на овој настан и минатата година. Овие млади „научници“ со своите креативни изработки со употреба на рециклирачки материјали повторно го привлекуваа вниманието на присутните на манифестацијата.