24/04/2024
Охрид

ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец беше домаќин на ученици и наставници од Полска, Италија, Грција и Турција

ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец во периодот од 18ти – 22ри ноември беше домаќин на 8 наставници и 16 ученици од: Полска, Сардинија (Италија), Грција и Турција. Посетата беше во рамки на проектот „Бришење бариери преку споделување богатства“, а Охрид беше избран да биде првиот град домаќин од проектот што ќе трае до јуни 2021 година.

Еразмус тимот од ова училиште изготви програма на поттема „Игри без граници“, која беше успешно и во целост реализирана. Пет дена исполнети со работилници, презентации, игри, посети на културно – историски знаменитости, многу дружење, забава, размена на искуства и учење.

Во текот на нивниот престој во Лескоец и во Охрид, гостите имаа можност да се запознаат со училиштето, да посетат часови, да реализираат заеднички работилници за споделување знаења за културните наследства, да изработуваат презентации, меѓусебно да соработуваат, како и да бидат дел од заедничката игра „Сложувалка“, која ги опфаќаше сите активности.

Во рамки на програмата беше организирана и игра „Потрага по богатство“, која се реализираше во стариот дел од Охрид, кога сите наставници и ученици поделени во 4 групи, имаа можност на интересен и забавен начин да научат за нашите културни богатства. После тоа беше организирана играта од натпреварувачки карактер „Photo Safari“, кога членовите од групите имаа можност да го покажат нивното знаење стекнато во текот на играта „Потрагата по богатство“. Во текот на овие вежби, а и на следните активности, учениците поделени во групи истовремено собираа делови од сложувалка, која на крајот од нивниот престој во Охрид ја склопија заедно со нивните домаќини наставници и ученици.

Целта на овој проект беше преку игра наставниците и учениците да ги избришат бариерите доколку постојат и да ги рушат предрасудите што се базираат на било какви различности. Сите ние имаме многу заеднички работи и тие треба да не’ поврзуваат. На крајот од оваа средба беше изготвен и филм во времетрање од 10 минути, во кој се прикажани сите активности и резултати од оваа Еразмус+ средба.

Во рамки на оваа посета претставниците од странските земји ја посетија и општина Охрид, каде имаа можност да се сретнат со претседателот на советот, г-ѓа Живка Ангелоска. Таа истакна дека училиштето „Ванчо Николески“ е предводник во реализација на проекти во општина Охрид.

„Горди сме дека ние како училиште имаме капацитет да се носиме со проекти од вакви размери, кои навистина бараат работа, посветеност и организираност на високо ниво. Сакам да напоменам дека активностите од Еразмус+ проектот и наставата во училиштетео течеа паралелно, без никакви проблеми и попречувања. Гостите си заминаа со одлични впечатоци како од успешно реализираните цели, професионалност и организираност како училиште, така и од градот Охрид и неговите убавини“ – изјави Елена Ел Нади, директор на училиштето.

ОУ Ванчо Николески е вклучено во два Еразмус+ проекти оваа година, а истите ќе ги реализира до 2021 година со возвратни посети во земјите кои се членови на овие проекти.