28/03/2024
Дебрца

Означен почетокот на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“

На граничниот премин кај Свети Наум се одржа свечен настан, на кој и официјално беше означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија. Проектот ќе се имплементира во наредните три години, а партнери се: ОО Црвен Крст Охрид, Алпинистичкото друштво “Патагонија” Охрид и општина Дебрца, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.

Градоначалникот Ногачески поздравувајќи ги присутните изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект, при што посебно потенцираше дека: Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.

И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.

Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.

Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.

Ова е втор проект кој општина Дебрца го спроведува во рамките на прекуграничната соработка, во насока на подобрување на алтернативниот туризам во општината. Другиот проект е во рамките на прекуграничната соработка со Грција и истиот го тангира оригинерниот природен ресурс, “Белчишкото Блато.”

И затоа, во оваа прилика изразувам голема благодарност и до Делегацијата на ЕУ во Скопје, за нивната поддршка на овие за нас значајни проекти, како и благодарност до Министерството за локална самоуправа, кое со 15 % контрибуција ги помага проектите.

Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.

Овде би сакал да изразам посебна благодарност и до Г-динот Бертолини, кој организираше неколку сесии за обука на администрацијата, како да се подготви и аплицира еден добар проект.

Се надевам и не се сомневам дека во текот на имплементацијата на Проектот ќе имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.

Впрочем, со нашиот партнер, ОО Црвен Крст Охрид и Планинската Спасителна Служба имаме потпишано и меморандум за соработка.

А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – кажа во своето обраќање градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.