29/03/2024
Охрид

Пецаков: Граѓаните ја казнија штетната политика на СДСМ

Денес се одржа прес-конференција на кој говореше Кирил Пецаков, член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

„Никој не смее да тргува со сопствената држава и со националните чувства. Охриѓани тоа го препознаа и ја поздравуваме зрелоста и одлуката покажувајќи исклучителна демократска и патриотска свест со тоа што не го поддржаа Договорот со Грција кој е крајно штетен за македонските државни и национални интереси.

Резултатите од референдумот во Охрид покажаа дека СДСМ за само една година изгуби речиси 4000 гласови, одосно на референдумот кампањата на СДСМ ја поддржаа 14.401 граѓанин на Охрид, додека пак на локалните избори пред една година за СДСМ во Охрид гласаа 18.262 граѓани. Да бидеме појасни, точно разлика од 3861 глас односно речиси 4000 гласови изгубени за само една година што е јасен сигнал дека ја губат поддршката кај народот.

Довербата кај граѓаните не може да ја добиете со притисок, закани и уцени од партиски лица кои се забележани и ќе одговараат пред органите на правдата, додека оштетените граѓани кои со чест и достоинство си ја сакаат Македонија ќе бидат заштитени.

Наместо тоа охриѓани очекуваа реализирање на ветените проекти на градоначалникот Јован Стојаноски кои останаа само слово на хартија, предизборна измама и манипулација. СДСМ сакаше државата да ја искористат како изговор за неисполнетите ветувања, непотизмот и криминалот.

Довербата кај граѓаните е загубена поради срамниот договор, неисполнетите ветувања, нула реализираните проекти, зголемената цена на водата, покачување на цената на паркингот, неисплатените обештетувања од земјотресите, стопирање на капиталните проекти во инфраструктурата, никакви реформи во образованието, здравството, економијата, културата, туризмот како и во останатите сфери од животот.

Охриѓани знаат да проценат и умеат да забележат колку работи оваа власт предводена од СДСМ и за нив се веќе прочитана книга. Многу брзо ја видоа лажната политика, а на таква политика не може да и се даде доверба па затоа опаѓа нивната поддршка.

Власта го изгуби легитимитетот и единствено што преостанува е да ја почитува волјата на народот. Затоа и добиената поддршка сега дополнително ќе се намалува во Охрид.

Почитувани,

Сите заедно, сплотени, единствени да ја продолжиме битката, се’ до конечна победа.

Да живее Република Македонија!“ – истакна Пецаков.