20/04/2024
Охрид

Пецаков: ЈП „Билјанини извори“ носи скандалозна одлука за наплата на паркинг во Охрид

Во период кога туристичката сезона е започната ЈП „Билјанини извори“ носи скандалозна одлука за наплата на паркинг на улиците во Охрид, рече на денешната прес-конференција, Кирил Пецаков, координатор на советничка група и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имено, зоната А со највисока цена се проширува со што по цела должина ќе се наплаќа на следните сообраќајници-улици: Илинденска, Цар Самоил, Коста Абраш, Кузман Јосифовски-Питу, а покрај нив во Зона А се и јавните паркиралишта на дел од Бул. Македонски просветители, Кеј Македонија, Партизанска, Димитар Влахов, Јане Сандански, стара Автобуска и кај старата стоковна куќа Чинар. Одлуката со проширувањето на зоните особено Зона А значи по автоматизам поскапување на цените за паркинг. Во зона Б нелогично се вметнуваат улици каде што таква услуга никогаш немало. Дури се дрзнуваат Булевар Туристичка којшто е магистрален пат да го узурпираат за наплатување паркинг. Во Стариот дел на градот којшто е репрезентативен дел наместо зона без возила сега и трите најпосетувани улици од туристите ќе бидат паркинг и ќе се наплаќа.“ – истакна Пецаков.

ВМРО-ДПМНЕ го повикува Градоначалникот Стојаноски веднаш да побара поништување на оваа како што велат скандалозна одлука на Уравниот одбор на ЈП „Билјанини извори“ и истата да не ја става како точка на дневен ред на следната седница на Совет.

„Наместо безидејноста на Градоначалникот му порачуваме да се зафати со капитални проекти како што е изградба на катни гаражи. ВМРО-ДПМНЕ не е против модерен начин за наплата за паркирање со испраќање на СМС порака, но не може тоа да се прави без пилот-проект и во туристичка сезона. Им објаснавте ли на вработените што ќе се случи со нив и каква ќе биде нивната иднина? Охрид памети! Граѓаните на Охрид паметат дека СДСМ еднаш ја признаа грешката со начинот на управувањето на паркинзите што ја поремети туристичката сезона и живеењето. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи повторно партиските интереси да се стават пред интересите на охриѓани.“- додаде Пецаков.

WebOhrid