20/04/2024
Македонија

Пет уметници наградени за „Мал формат 2017“ од ДЛУМ

Во Културно-информативниот центар во Скопје е во тек годишната изложба „Мал формат 2017“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ. Изложени се над сто дела во различни техники од 54 автори – членови на ДЛУМ од цела Македонија. ДЛУМ и КИЦ и годинава ги доделија наградите на оваа републичка ликовна манифестација…

Наградата за сликарство му е доделена на Драган Ветровски-Алпи, Агрон Абдули ја доби наградата за графика, наградата „Константин Мазев-Коце“ и е доделена на Силвана Атанасовска, „Вангел Коџоман“ на Жаклина Глигориевска-Кочоска и наградата „Адем Кастрати“ на уметникот Бурхан Ахмети.

Жаклина Глигориевска-Кочоска, добитничка на наградата „Вангел Коџоман“, изјави дека со создавањето уметност се одвоила од, како што вели, суетноста на животот и ја добила достоинственоста на слободата.

Оваа годишна изложба е посветена на малиот формат кој, според ДЛУМ, е творечки предизвик и честа дневна практика на сликарите и скулпторите во ситната пластика. „Магијата на малиот квадрат во површина 25х25 сѐ уште претставува искушение и за најголемите мајстори на четката и бојата. Гледајќи низ историјата – Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци, го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, и на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големото платно во помалата мерка“, велат од Друштвото на ликовните уметници.