28/03/2024
Охрид

Петкоска: Градоначалникот Георгиески да побара одговорност и да го разреши аздисаниот директор Алексијоски

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Откако СДСМ е на власт во Охрид, ниту животот дојде, ниту Охрид тргна напред. Скандалите на функционерите од СДСМ никако да запрат кога е во прашање трошењето народни пари.

Владимир Алексијоски, директорот на МЈП „Проаква“ – Р.Е. „Водовод“ треба да чувствува одговорност каде и како ги троши парите на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ Охрид го охрабрува Алексијоски да излезе и да им објасни на охриѓани колку потрошил за угостителски услуги во 2017, 2018 и првите три месеци од 2019?

Кога Претпријатието има милиони денари загуба, тој прави милиони денари расходи на работи кои не се неопходни.

Додека недомаќински се трошат парите, поскапувањето на водата никако да престане. Веќе втор месец охриѓани добиваат повисоки сметки за вода и од веќе претходно покачените. Милионите потрошени за непотребни работи и лични интереси требаше да бидат за ветените проекти кои ќе значат поквалитетна и поздрава вода за пиење.

Со измена на развојната програма за изградба на системи за водоснабдување на предлог на градоначалникот Константин Георгиески се кратат 4.400.000 денари, меѓу останатите минус средства за преприклучување на водоводна мрежа за Абас Емин и водоводни линии во Лескоец.

Додека фекалиите завршуваат во Охридското Езеро и дел од пумпите не работат на Алексијоски му се поважни кафаните.

Градоначалникот Георгиески да побара одговорност и да го разреши аздисаниот директор Алексијоски.

Сведоци сме дека градоначалникот Георгиески и Јавните претпријатија личните интереси ги ставаат пред интересите на граѓаните и се расфрлаат со пари за работи кои воопшто и не се потребни.

СДСМ работи недомаќински и против интересите на граѓаните. Со СДСМ Охрид и охриѓани се враќаат назад.“ – истакна Петкоска.