Петкоска: Суровата вистина е дека граѓани кои плаќаат даноци на овој град сè уште немаат вода за пиење во 21 век

Денес на Градскиот плоштад во Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Локалната самоуправа предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески нема за цел да го направи Охрид подобро место за живеење.

Недомаќинското работење на Георгиески и директорот на МЈП „Проаква“ – РЕ „Водовод“, Владимир Алексијоски е недозволиво за една општина којашто е заглавена во долгови за кои течат камати на дневна основа.

Дали е во ред да потрошат преку 100.000 евра пари на граѓаните за да поделат К-15 на вработените додека охриѓани мака мачат со основните потреби за живот?

Парите се потрошија, а проблемите на граѓаните со водоснабдувањето останаа нерешени.

Зошто им го ускративте тоа на жителите на улиците „Абас Емин“, „Бекир Али Риза“ и дел од „Македонски просветители“ коишто мака мачат цело време со водата?

Жителите од Стар град, Кошишта и улицата „Кирил и Методиј“ очекуваа решавање на проблемот со водата, а не цела сезона заедно со туристите да се соочуваат со немање притисок и да остануваат без вода.

Дали само за избори Ви се важни гласовите на жителите од Лескоец, Лакочереј, Подмоље и Ливоишта, а сега се правите дека не ги слушате нивните гласови и зборови иако не сте им го решиле проблемот со водоснабдувањето?

Локалната власт зема лош пример и учи од централната која пак наместо одобрување на системот за третман на отпадни води за сите населби во сливот на Охридското Езеро со ребалансот крати 186.500.000 денари на име проект за водоснабдување и одведување на отпадни води.

Но за СДСМ е сè во ред, затоа што нели има вишок средства и сè е средено.

За жал суровата вистина е дека граѓани кои плаќаат даноци на овој град сè уште немаат вода за пиење во 21 век.

Со Локалната власт на СДСМ и Георгиески нема живот, нема напред!“ – истакна Петкоска.