24/04/2024
Охрид

Петтоодделенците од ОУ „Григор Прличев“ го посетија Основниот суд во Охрид

Во текот на изминатата недела, учениците од петтите одделенија при ОУ „Григор Прличев“ од Охрид остварија посета на Основниот суд Охрид во придружба на учителките: Биљана Иваноска, Валентина Трпческа, Нина Ристеска, Мимоза Трајческа и Радмила Лотеска. Со цел да ги прошират и продлабочат знаењата за судот и судската власт, а кои се изучуваат според наставниот план и програма по општество на тема: Државно уредување во Република Македонија.

„Посетата на Судот беше мудро насочувана и организирана од страна на судските работници, кои на нашите ученици им одржаа исцрпно предавање за задачите на Судот, работните оврски на вработените, а за учениците беше отстапена и судница во која беше симулирано судење каде учество зедоа и самите ученици.“– велат од ОУ „Григор Прличев“.

Покрај посетата на Основниот суд Охрид, на отворен час по општество поврзано со оваа наставна материја учениците имаа можност да го слушнат предавањето на судијата во пензија Диме Јорданов од Велес. Неговото излагање беше проследено со голем интерес и тој успеа да ги поттикне учениците да прашуваат и на тој начин многу потемелно да ја совладаат предвидената материја.