18/04/2024
Македонија

Писмо од министерката за одбрана на Кралството Холандија, Схаутен до министерката Шекеринска

Во писмото со кое холандската министерка за одбрана и одговори на министерката Шекеринска, која од своите колеги од земјите членки на НАТО пред Самитот во Брисел побара поддршка за НАТО поканата за Македонија, Анк Бајлевелд Схаутен го поздрави прогресот што Македонија го постигна изминатата година.

– Холандија ја поддржува политиката на НАТО на отворени врати, која се покажа како важен инструмент во промоцијата на демократските вредности и стабилноста во регионот. Владата на Република Македонија вложи огромни напори во иницирањето на неопходните реформи. Ви честитаме на прогресот постигнат изминатата година – пишува Бајлевелд Схаутен.

Во писмото, холандската министерка упати честитки за постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција, со што е отстранета последната формална пречка за почеток на пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО.

– Сега останува на народот на Република Македонија да одлучи, на Референдумот во септември, дали го поддржуваат Договорот и членството во НАТО – стои во писмото.

Холандската министерка за одбрана заклучува дека од клучно значење е Македонија да остане на реформскиот пат, да продолжи со реформите околу владеењето на правото, медиумските слободи и правата на малцинствата и изразува подготвеност Холандија да помогне во напорите за нивното спроведување.