Писмо од наставниците на ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга

Деновиве сме сведоци на немилите настани кои што се случија во ООУ,,Јосип Броз Тито“- Струга, а ги надминаа сите постоечки законски норми, правила и регулативи.

Владеењето на в.д. директорката, Наташа Пинтоска- Беќароска ги погази сите етички начини на однесување. Таа демонстрира неограничена моќ во донесувањето одлуки, врши психички притисок, малтретирање и вознемирување на дел од наставниците кои што не се нејзини истомисленици и брутално ги казнува и деградира. Според народната изрека: ,,Дај му некому власт, па ќе видиш колку чини“, в.д. директорката се надмина себеси во својата деструктивност, креирање омраза и раздор во колективот, создавајќи атмосфера на нетрпение и непријателство помеѓу наставниците.

Имено, на претпоследниот наставнички совет, на 2.07.2018година, в.д. директорката при новата распределба на часови, им соопшти на дел од наставниците дека се, или прераспоределни од централното училиште во подрачните, или им се одземени часови, без никаква претходна најава или пак, конкретно разумно објаснување или причина. Тие наставници се реномирани, со долгогодишно работно искуство во образование, истакнати со своите успеси и резултати во работатата со децата, за што постојат многу факти, докази и извештаи од Бирото за развој на образование, Државниот просветен инспекторат, а и од самата стручна педагошка служба на училиштето. Истите побараа  од неа и писмено да им образложи, која е основата за таа нејзина одлука, но секако, одговор не добија. Тие поднеасоа приговори и до Училишниот одбор на ООУ,,Јосип Броз Тито“-Струга, како надлежен орган, да ги разгледа повторно одлуките  на в.д. директорката, за да се пронајде основата и причината зошто таа постапила на тој начин, но и самиот Училишен одбор, под дирегенство на в.д. директорката, ги одби сите приговори на оштетените наставници. И нормално, но и за жал, тие наставници, кои се членови на Училишниот одбор и гласаа против приговорите на сопствените колеги, беа наградени од в.д. директорката со часови во централното училиште, иако досега работеа во подрачните. Приговори и жалби поднесоа и родителите на учениците, чии наставници беа деградирани и прераспоредени, но се разбира и нивните жалби беа одбиени, иако најмногу од тие одлуки, страдаат децата кои веќе неколку години беа со нивните наставници и се приврзаа за нив. На состанокот на Училишен одбор, каде беа присутни и в.д. дректорката и оштетените наставници- за да дадат образложение за конкретната ситуација, таа, се изјасни дека …има целосно право да прави што сака и дека можеби е, и ,,ненормална“, па ќе експериментира со кого сака и колку сака… Како доказ за нејзиниот ,,морален кредибилитет“ е нејзиниот статус објавен на фб- профилот деновиве… дигнат среден прст во име на Бога… Замислете, в.д. директор, по вокација  професор по одделенска настава, просветно лице- учител, објавува таква слика, во смисол… никој ништо не ми може…! Ги помешала верата со сатанизмот!Таа изгледа  заборавила, очигледно, дека и учениците и родителите ја следат како се однесува, па логично на тоа, имаше милиони реакции за ,,примерот,, кој што им го дава на младите генерации. Незамисливо и недопустливо е наставник, или пак директор, да објавува среден прст и тоа кон кого- учениците, родителите, колегите- јавноста воопшто. Воспитуваме деца, земаме плата со која што ги храниме нашите деца, а притоа подигнуваме среден прст?! Каков парадокс, каков срам, какво понижување на просветителството! Ние не се согласуваме со нејзините срамни и нечовечки постапки и жалиме за тоа што таа го деградира целокупниот воспитно-образовен процес во училиштето, пропагирајќи ситно-партиски одлуки, на сметка на децата. Така ли ќе ги едуцираме нашите деца? Или можеби, пак, мисли дека тоа в.д. значи вечен директор, а не вршител на должност?

Сето ова, во најголема мера и за жал, најмногу ќе се одрази врз вашите и нашите деца, врз учениците, а тоа е најголемата трагедија во моментот. Место меѓусебна соработка и помош при работењето, наставниците се повеќе се одалечуваат едни од други, а тоа најверојатно е нејзината цел, или пак тоа се ,,европските принципи на образованието, каде што треба да ги згазне сите, кои што не мислат како неа и не ја поддржуваат нејзината идеја, а истата постојано и брмчи во главата“.

Конечно, сакаме да се обратиме и до градоначалникот на општина Струга, господинот Рамиз Мерко, како и до министерот за образование, господинот Арбер Адеми, подетално да се заинтересираат за овие случувања во ООУ,,Јосип Броз Тито“- Струга, да побараат одговорност од в.д. директорката за нејзиниот брутализам и несовесно работење, како и да се подзамислат дека се наоѓаат на тие функции поради довербата и гласовите на граѓаните, па следствено на тоа, тие и треба да им помогнат на истите. Зарем е европски да се заборави народот, во случајов, наставниците кои од децата градат личности,? Зарем треба да дозволите да директорува личност, која самата себеси се дијагностицира како, цитирам …ненормална?

Ве замолуваме и Ве повикуваме, да ги отстраните овие деструктивни  погледи и делувања, да воспоставите нормално функционирање на правото, законите и моралот во ООУ ,,Јосип Броз Тито“- Струга и на прво место, да ја ставиме нашата иднина- НАШИТЕ ДЕЦА!

Со почит,  деградирани наставници на   ООУ ,,Јосип Броз Тито“- Струга

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.