Пловдив и Матера – европски престолнини на културата за 2019

Бугарскиот град Пловдив и италијанскиот Матера ја добија титулата европски престолнини на културата за 2019 година.

„Програмите на Пловдив и Матера покажуваат како овие градови ја замислуваат својата и иднината на Европа, истовремено славејќи го своето специфично вековно наследство. Иницијативата за култура ги поврзува луѓето и ја истакнува улогата на културата во градењето на европскиот идентитет“, истакна европскиот комесар за образование, култура, млади и спорт, Тибор Наврачикс.

Пловдив е првиот бугарски град кој ја добил честа да биде престолнина на културата на Стариот континент. Пловдив ќе се обиде да се промовира себеси и да отвори нови можности за Регионот, под мотото „Заедно“, со над 300 проекти на теми поврзани со историјата на градот, културното наследство, промоција на кирилицата преку разни изложби, заеднички театарски продукции со Западен Балкан и ромската и турската заедница.

Од друга страна, програмата на Матера, под наслов „Отворена иднина“, става акцент на социјалното и културното вклучување и соработка за иновации, вклучително современ поглед на историјата и културата на подземната архитектура, патување низ уметничкото минато на Базилика и Апулија, како и изложба за централната улога на математиката во работата на уметниците низ вековите. Првите изведби, со преку 2.000 музичари, ќе бидат на отворено на операта „Cavalleria Rusticana“, во соработка со Театро Сан Карло.

„Европска престолнина на културата“ е една од најзначајните културни иницијативи во Европа, која датира уште од 1985 година на иницијатива на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури. Градовите се избираат врз основа на културната програма која мора да содржи силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот и да придонесе за долгорочниот развој на градот и околината. Ова е можност за градовите да го променат својот имиџ, да се промовираат на светската карта, да привлечат повеќе туристи и да го надградат нивниот развој преку културата, што ќе придонесе кон долгорочно влијание не само на културата, туку и на општествените и економските услови на градот и регионот.

Минатата 2018 година, европски градови на културата беа Валета (Малта) и Леуварден (Холандија), додека во 2020 година таа чест ќе им припадне на хрватска Риека и ирски Голвеј.