По повод Светскиот ден на детето, разговор со д-р Сашо Стоев на тема: „Децата како пациенти во стоматолошка ординација“

20-ти Ноември – Светски ден на детето – повод за разговор со Д-р Сашо Стоев, сопственик на ПЗУ Стоматолошка Ординација „Д-р Сашо Стоев“ на тема: „Децата како пациенти во стоматолошка ординација“.

 

 

 

 

 

 

 

Д-р Сашо Стоев

20 ти Ноември е датум кој во светот се одбележува како светски ден на детето. Во тој контекст, a адекватно на нашата професионална определба, овој ден со посебно задоволство го посветуваме на разговор за децата како пациенти во нашата ординација. Темата иако е до сега многу пати разработувана, особено од аспект на грижата за оралното здравје кај децата, сепак секогаш е еднакво актуелна, имајќи го во предвид фактот дека истата се однесува на најчувствителната и најмалку искусната популација, децата. Токму затоа овој разговор би го воделе во насока на психолошкиот аспект на нашата професија, бидејќи ние како стоматолози немаме обврска и задача само практично да ја сработиме работата, напротив нашата професија е доста комплексна, особено кога станува збор за децата. Ние истовремено треба да да сме и психолози и стоматолози и едукатори се со цел да успееме да воспоставиме успешна релација и да ја добиеме довербата на пациентот кој е дете. Стоматологот кој работи со деца неопходно е да го познава нивниот психофизики развој, но и да се одликува со високо ниво на трпеливост, толерантност, моќ на креативно убедување, брзина и стручност истовремено, бидејќи неговиот пристап и однос може да бидат пресудни за перцепцијата која ќе ја изгради детето кон чинот на посета на стоматолог, која перцепција може да биде исклучително позитивна и пријатна, но и неприфатливо трауматична. За градење на позитивна перцепција неопходна е тројна комуникациска врска која ќе се одвива помеѓу детето, родителот и стоматологот.

Задача на стоматологот и родителот е да креираат позитивна енергија и претстава кај детето, особено кога станува збор за неговата прва посета на стоматолог. Ги советуваме родителите да работат на подготовка на своето дете извесен период пред планираната прва посета така што, на пример, ќе им раскажуваат на своите деца за својата прва посета на стоматолог, презентирајќи им ја како позитивен пример, или може да измислат игра со своето дете преку која наутро и навечер ќе се натпреваруваат во четкање заби, за да видат кој ги ,,светнал“ подобро запчињата, понатака, дневната соба може да ја замислат како имагинарна стоматолошка ординација, во која ќе играат ,,посета на стоматолог“, а детето ќе ја има улогата на стоматолог и ќе ги проверува забите на родителот. Ваквите улоги влијаат врз развојот на свеста на детето и поттикнување на неговата самодоверба, па се очекува дека тоа за кратко време ќе посака или барем ќе се сложи со предлогот за посета на стоматолошка ординација.


При посетата, стоматологот треба да е запознаен дека тоа е прва посета за детето, како дополнително би го прилагодил својот пристап и детето би добило ,,специјален третман“. Децата се чести посетители во нашата ординација, а начинот на кој се тертирани во нашата здравствена установа сигурно е еден од факторите кои влијаеле на одлуката тие да ни ја доверат својата доверба токму нам. Нивниот третман кај нас секогаш е проследен со огромно внимание, трпение и разбирање. Секако, некои деца ќе дојдат плашливи , некои храбри , некои љубoпитни, некои инаетливи, но наша задача е да ,,го прочитаме “ карактерот на детето и неговото доживување на посетата на стоматолог и адекватно да пристапиме. Воопшто не е погрешно доколку дозволиме детето да не соработува и да се сложиме да не ја извршиме интервенцијата за која е дојдено. Доколу детето го присилуваме на нешто што во моментот не сака да го направи, бидејќи чувствува страв, ќе постигнеме само негативен ефект со тоа што само уште повеќе ќе го зголемиме неговиот страв и ќе создадме одбивност за посета на стоматолог, која понатаму многу тешко се корегира. Токму тоа е причината зошто нашата пракса брои и примери каде посетата завршила со анимирање на детето преку возење на стоматолошкиот стол, правење фигури од медицинските ракавици, смена на улоги пациент доктор итн. И да, можеби овој пат детето не соработувало, но верувајте дека следниот пат истото тоа дете доаѓа сосема смирено, чувството на страв е скоро изгубено и тоа е подготвно за соработка, бидејќи сме успеале да ја стекнеме неговата доверба и да му покажеме дека нема од што да се плаши.

Во контекст на ова, нашата здравствена установа ПЗУ Стоматолошка Ординација ,,Д-р Сашо Стоев“, веќе години наназад, покрај практичната работа во ординација, практикува да одвои дел од своето време и да го посвети токму на децата.

 

 

 

 

 

 

 

Едукации за грижата за оралното здравје кај децата одржани во детските градинки во Охрид

Така, години наназад преку адаптирани едукативни предавања имавме соработка со градинките во Охрид каде дечињата се запознаваа со нашата професија, веќе неколку години успешно соработуваме со училиштето ,,Јахја Кемал“ во Струга каде организираме едукативни предавања и креативни работилници преку кои остваруваме директна интеракција со децата.

  Едукативна работилница одржана во основното училиште ,,Јахја Кемал“ – Струга

Исто така бројни новогодишни и роденденски празнувања на нашата ординација биле посветени токму на децата, прославувајќи ги зaеднички на за нас веќе препознатлив креативен и уникатен начин, истовремено покажувајќи дека професијата стоматолог и посетата на стоматолошка ординација можат навистина да бидат забавни.

 

  Од минатогодишниот новогодишен награден фото конкурс

Верувајте, таквите дружења кои најчесто се одвиваат во просториите на нашата ординација се покажале како исклучително интересни и несекојдневни за децата кои вистински уживаат во овие мигови, а за нас тие денови се празник за душа. Од името на вработените во Стоматолошка Ординација ,,Д-р Сашо Стоев“ на сите дечиња им го честитаме Светскиот ден на детето и им посакуваме среќно детство и безгрижни и здрави детски насмевки !

www.drsasostoev.com