20/04/2024
Македонија

„По трагите на светите Кирил и Методиј“ изложба во НУБ

„По трагите на светите Кирил и Методиј“ на словачкиот автор Павол Демеш, е насловена изложбата која денес беше отворена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје …

Изложбата е по повод 25 годишнината од осамостојувањето на Република Словачка и 1155 годишнината од доаѓањето на Солунските браќа на територијата на Велика Моравија.

Станува збор за фотографска биографија на Солунските браќа, заштитниците на Европа, односно избор на фотографии за тоа кои биле и зошто се толку значајни браќата Кирил и Методиј за словенските народи. Изложбата опфаќа и споменици од повеќе земји, од времето на Св. Кирил и Методиј или пак ним им се посветени.

Во колекцијата на фотографии е и фотографијата од Франтишек Муха, на која се прикажани иконите на Св. Климент и Св. Наум Охридски кои во 2014 година беа подарени од градот Охрид и положени на олтарот во црквата посветена на солунските браќа во Терхова, Република Словачка.

Павол Демеш (1956) е меѓународно признат експерт за надворешна политика и граѓанско општество кој живее во Братислава. Активно фотографира, а неговите фотографии повеќе пати се изложувани и презентирани како во Словачка така и во странство.