20/04/2024
Македонија

Почеток на годината со интересна програма и претстави на театрите низ Македонија

На големата сцена на Народниот театар во Битола денес (четврток 11 јануари) со почеток  во 20 часот, публиката ќе може да ја проследи претставата „Пијани“ работена по текст на Иван Вирипаев, а во режија на Марјан Ѓорѓиевски. На 12 јануари ќе биде одиграна претставата „Дупло дно“, работена по култниот текст на Горан Стефановски а во режија на Ангелчо Илиевски, додека пак на 15 и 16 јануари со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Кралски игри“ работена по текст на Григориј Горин, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. На 17 јануари публиката во Битола ќе може да ја проследи комично – шокантната претстава „Грилпарцер во секс шоп“ на режисерот Јован Ристовски, работена според делото на современиот австриски драмски писател Питер Турини. На новата сцена на Театарот во Битола  на 18 јануари ќе биде изведена претставата „Грета од Фауст“ во режија на Димче Николовски, а на 22 и 23 јануари лирско -љубовната трагедија „Крвави свадби“ од Федерико Гарсија Лорка, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.  

pijani_bitolski_teatar

Во Театарот во Велес на 11, 18 и 31 јануари со почеток во 20 часот публиката ќе може да ја проследи комедијата „Вдовицата се мажи“ од Чехов, во режија и адаптација на Младен Крстевски, а на 16 јануари ќе биде одиграна претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски. За 20 часот на 26 јануари на сцената на Театарот во Велес е закажана премиерата на претставата „Тоалет за дами“ работена според текст на Родолфо Сантана, во режија на  Дејан Дамјановски. Претпремиерата  на претставата ќе се одржи на 25-ти, а репризата на 30 јануари.

vdovicata_teatar_dzinot_veles

На сцената на Театарот во Струмица на 11 и на 12 јануари со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Идиот“ од Достоевски во режија на Горан Тренчовски, а на 17, 18 и 26 јануари на малата сцена ќе биде одиграна претставата „Царот Владислав“, работена по текст на Борис Јанков, а во режија на Бранко Ставрев. На 24 јануари на репертоарот на струмичкиот театар е монодрамата „Таа“, работена по текстот на бугарската авторка Даниела Колева, а во режија на Васил Михаил, додека на 25 јануари комедијата  „Дванаесеттата ноќ спроти Водици“  работена по текст на Шекспир, а во режија на Дејан Дамјановски.

strumica_teatar_idiot

Вечерва, како и на 18 и 25 јануари на сцената на Народниот театар во Штип ќе биде изведена претставата „Умри машки“ од Николај Алдо, во режија на Коле Ангеловски. Исто така, вечерва на малата сцена на Театарот во Штип ќе биде изведена хуманитарната документарна претстава „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“, во режија на Билјана Радиноска. Во соработка со училишните установи, за овој месец е планирана и изведбата на најновата детска претстава на штипскиот Театар „Волшебната ноќ“, која претставува адаптација на бајката „Убавицата и ѕверот“.

teatar_stip_umri_maski

На 16 и на 18 јануари на сцената на Театарот во Куманово со почеток во 20 часот е премиерата и репризата на претставата „Ограбувачи“ во изведба на секцијата на албанска драма. На 24 и 25 јануари пак во 20 часот на репертоарот на Кумановскиот театар се комедиите „Бегај еве ја жена ти 2…“ во режија на Коле Ангеловски и „На погрешно место во погрешно време“ во режија на Мирослав Петковиќ, а на 31 јануари  е драмата „Хај фај“ од Горан Стефановски, во режија на Јани Бојаџи.

teatar_kumanovo_intriga

Во Театарот во Прилеп на 24 и 26 јануари, со почеток во 19:30 часот, публиката ќе може да ја проследи претставата „Клетници“ од Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски. На 30 јануари на репертоарот е веселата комедија „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Коле Ангеловски, а изведбата на претставата „Хроника на еден сон“ од Ивана Нелкова, во режија на Ивана Ангеловска, е закажана за 31 јануари.

kletnici_teatar_prilep

Охридскиот театар на 26 јануари со комедијата „Аналфабет“ работена според текстот на Бранислав Нушиќ, во режија на Ѓорѓи Ризески гостува во Кичево, а пак истата претстава за охридската публика ќе биде изведена на 27 јануари.

Центрите за култура, во чиј состав се и театарските институции, во јануари за посетителите ќе понудат и повеќе изложби, промоции, саеми на книгата и други содржини од областа на културата, кои се од особен интерес за граѓаните во градовите во земјава.