20/04/2024
МакедонијаСтруга

Подготвителен состанок за самитот во Лондон во рамки на Берлинскиот процес

Оваа година, регионот на Западен Балкан има неповторлива шанса во однос на својата европска перспектива, а Берлинскиот процес има голем удел во реализирање на таа перспектива, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање  на отварањето на

Подготвителниот состанок за усогласување на Меморандум за разбирање за размена на информации на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што ќе се потпише на Самитот во Лондон.

„Градењето модерни европски демократии пред сè е во интерес на нашите граѓани, во интерес на нашите земји и од интерес на ЕУ. Стабилна, економски просперитетна и успешна Република Македонија подразбира стабилен и просперитетен регион. Република Македонија од пред речиси точно една година има ново лице, како држава на можности – а не на кризи, Македонија интегрирана во Европската унија и во НАТО преку исполнување на сите критериуми кои што се очекуваат од нас“, рече министерот Спасовски.

Целта на овогодинешниот самит во Лондон за разлика од претходните во Берлин, Париз, Виена и Трст – меѓу другото – е зајакнување на регионалната безбедносна соработка во насока на справување со заедничките закани, меѓу кои и корупцијата, сериозниот и организиран криминал, трговијата со луѓе, дрога, оружје, борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

„Процесот на интеграција во ЕУ не е цел, туку механизам за да не направи нас – земјите од Западен Балкан – поподготвени да можеме да станеме дел од Европското семејство на нации. Со други зборови, рамката е дадена и зацртана. Перспективата е јасна. Треба да се завршат домашните задачи“, рече Спасовски.

Амбасадорот на Велика Британија Н.Е. Чарлс Гарет ја потенцира важноста од одржувањето на овој состанок во Струга.

„Одржувањето на овој настан е од исклучително значење за граѓаните од цел регион, затоа што на крајот на краиштата тие се оние кои најмногу страдаат од ефектите на криминалот и корупцијата. Токму криминалот и корупцијата ја поткопуваат безбедноста на граѓаните од нашите држави, а безбедноста е една од трите главни теми за кои ќе се дискутира на претстојниот самит, кој ќе се одржи на 9 и 10 јули во Лондон. На тој самит ќе се посвети внимание на начините на кои би можеле да ја зацврстиме нашата соработка и секако се радуваме на присуството на министерот Спасовски на тој настан“, рече Гарет.

Подготвителниот состанок за Самитот во Лондон се одржува денеска и утре во Струга.