28/03/2024
Охрид

Поемата Клучевите добитник на наградата „Григор Прличев“

Комисијата за доделување на Наградата „Григор Прличев“, денес со два гласа донесе Одлука да биде наградена поемата Клучевите поднесена под шифра: Таурус.

На Комисијата од пристигнатите четиринаесет и’ беа доставени тринаесет ракописи кои ги исполнуваат формалните критериуми на распишаниот Конкурс. Во потесен избор беа разгледани три поеми: Клучевите (шифра: Таурус), Будењето на Крали Марко (шифра: Ѕевгар) и Ветровите од Запад (шифра: Носталгија).

Претседателот на Комисијата Наташа Аврамовска, како и членот Мерсиха Исмајлоска оценуваат дека: „Поемата Клучевите меѓу трите вонредно успешни поеми беше избрана како најдобра со два гласа поради иновативниот тематски заграб, суптилноста во приодот кон темата на духовното будење и отворање кон светот, односно кон акцијата и ангажираноста во светот. Лириричноста на изразот ја надополнува неговата духовна зрелост и во процесот на одвивањето на поемата ја откриваме стаменоста на ова суптилно огласување и длабоката проживеаност на соопштеното духовно искуство. Клучевите, како што е и именувана поемата, функционираат на повеќе нивоа, откривајќи семантички значења кои вешто комуницираат со читателот. Низ приказот на мачниот и трновит пат на духовното будење прикажана е алхемијата на душата којашто конечно во себе ја открива и вербата и доблеста вистински да се биде во светот и да се делува во него. Формалните обележја на поемата, метриката, врзаната строфа коишто претставуваат дополнителен предизвик и ги искушуваат можностите на поетскиот израз, а можат да прозвучат и традиционално денес, овде се умешно исползувани и реализирани како современ и актуелен поетски израз кој говорејќи за поединецот воедно проговорува и за заедницата во којашто тој опстојува и за предизвиците што таа ги поставува пред него.“

Во Образложението за одвоено мислење, членот на Комисијата Зоран Пејковски вели дека: „Во „Будењето на Крали Марко“ под шифрата „Ѕевгар“ отвора момент на будење на Крали Марко, да го видиме и по 600 години, која ја раскрвува душата на Македонецот и сега по толку време. Во поемата „Будењето на Крали Марко“ запазени се сите книжевни правила. Таа е силна и богата со историски факти што може да биде блиска до Прличевиот „Сердар“. Употребени се безброј стилски фигури кои кај некои недостасуваат. Во „Будењето на Крали Марко“ можат да се сретнат стилските фигури како на пример: елипса, хипербола, алитерација, анафора, палилогија, парономазија, симплоха, антитеза, градација и слични, што за мене претставува навистина предизвик за ново поетско и поетично пеење преку ваков вид и форма на поема.“

WebOhrid