20/04/2024
Македонија

Поетски читања, изложби, концерти во центрите за култура низ Македонија

Националните установи од културата и во другите градови низ Македонија ја продолжуваат годината со атрактивен, богат и разновиден репертоар. Десетина популарни концертни претставувања, ексклузивни балетски претстави за деца, изложби на домашни и на странски ликовни уметници, филмски проекции и други културни настани ќе бидат реализирани до крајот на март….

Во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид, вчера во соработка со Почесниот конзулат на Руската фердерација се одржа креативна работилница за деца, додека пак на 21март ќе биде организирано поетско читање. На 25 март, традиционално со неколку активности ќе биде одбележан денот кога за поемата „Сердарот“, во 1860 година, Григор Прличев бил награден и овенчан со ловоров венец.

Во библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип денес ќе бидат доделени наградите за распишаниот конкурс „Мојот распуст во нашата библиотека“ во категории за избор на најдобар есеј, песна, презентација, документарно видео, ракотворба, додека пак на 20 март штипската библиотека ќе биде домаќин на продажен саем на книга и книжевно музички – перформанс по повод Светскиот ден на среќата и празникот Св. 40 маченици – Четерсе. На 21 март ќе се одржи третата по ред манифестација „Плати кафе со поезија“ по повод Светскиот ден на поезијата, а следниот ден ќе има мултимедијално претставување на поетски творби и средба на поети од цела Македонија. На 27 март ќе биде промовирана  монографијата „Челичната дама: Светлана Антоновска“, а на 30 март ќе биде презентиран проектот „Ноќ со Андерсен“, по повод Светскиот ден на литературата за деца.

biblioteka_stip

По повод педесет години од постоењето на Центарот за култура „Бели мугри” од Кочани, во текот на целата година во оваа национална установа ќе реализираат бројни активности и настани. На 2 март беше отворена изложба на плакати насловена “IMposter” на авторката Маријана Иванова, а на 19 март пред публиката во Кочани ќе биде претставена изложбата на  дела од 15-та Меѓународна ликовна колонија “Карпино 2017” од Куманово. По повод Светскиот ден на поезијата на 21 март ќе се реализира книжевен и театарски портрет на роднокрајниот автор Драги Трајчев.

Богат репертоар има и Центарот за култура во Битола каде што се закажани неколку кинопроекции, како и манифестации кои ќе бидат организирани во соработка со други организации. На 18 март ќе започне сезоната на Камерниот оркестар на Битола, кои во соработка со музичари од Македонската филхармонија и Македонската  опера и балет, ќе го изведат концертот „John Williams Symphony“. На концертот ќе настапи и виолинистот Климент Тодоровски, а ќе бидат изведени популарни теми од филмови, компонирани од познатиот филмски композитор, Џон Вилијамс. По  концертот во Битола, Камерниот оркестар на Битола ќе одржи и концерт во Скопје (20 март, Македонска опера и балет).

Kameren_orkestar_Bitola_1

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, пак, предвиден е Осмомартовски концерт на музичкото училиште „Ордан Мијахлоски Оцка“, додека пак на 30 март во големата сала со почеток во 19.30 часот ќе започне музичка манифестација „ГИМ ФЕСТ“. Прилепскиот центар за култура ќе реализира неколку ликовни претставувања и тоа: изложба на дела од гимназијата „Мирче Ацев“ (7 март), манифестацијата „Брзо сликање“ (8 март), изложба на Зоран Бошковски (9 март), изложба на фотографии од фото-кино клубот Прилеп (21 март), како и изложба на дела од Струмичка ликовна колонија (23 март).

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на 1 март, во соработка со Народен музеј Велес, беше отворена изложба на цртежи „Скици 2018“, додека пак на 8 март, предвидена е изложба на фотографии „Жените фотографираат“, која се реализира заедно со фото клубот од Куманово. На 22 март во изложбениот салон на установата ќе биде отворена изложба на слики „Ликовен круг –Похижек, современи хрватски ликовни уметници“.

Во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на 1 март беше отворена изложба на фотографии на познати јавни личности (жени) од Македонија (спортистки, новинарки, писателки, ликовни уметници….),  а се одржа и рецитал на поезија од  писатели аматери од Кичево. На 15 март ќе се одржи ретроспективна изложба на слики „15 години творештво“ на Драган Кузманоски, а на 20 март по повод Светскиот ден на поезијата (21 март), ќе се реализира литературно читање. На 21 март во кичевскиот центар за култура ќе биде прикажана претставата на Народниот театар од Битола, „Пијани“ по текст на Иван Вирипаев, а во режија на Марјан Ѓорѓиевски.

pijani1

Во Центарот за култура Крива Паланка во март ќе се реализираат неколку активности и настани. На 14 март ќе се одржи поетската манифестација со роднокрајни поети и писатели „Разиграни поетски зборови“. На 22 март во изложбениот простор предвидена е изложба на фотографија на тема „Жените и фотографијата“  – по повод Меѓународниот ден на жената организиран конкурс  од страна на „Фото-клуб Куманово“ од Куманово. Во периодот од 27 до 29 март во кино салата ќе се одржи проекција на француски филмови, додека пак на 30 март ќе биде организирана манифестацијата „Денови на франкофонијата“. Во центарот за култура во Крива Паланка посетителите до 9 март можат да ја погледнат изложбата на сто  најдобри дела од четвртиот Меѓународен конкурс за карикатура „ Невестинско поклонение“.

Film_zlatna_petorka_vo____Strumica

Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица на 9 март ќе биде отворена третата традиционална изложба на бугарски современи сликари „Моја генерација“, по повод 3 март, Национален ден на Р.Бугарија. Исто така, во Струмица ќе се одржи и друг културен настан и тоа затворена проекција на филмот „Златна петорка“. На 16 март пред струмичката публика ќе биде промовирана стихозбирката „Чекор по жица“ од Вања Изова Велева.