20/04/2024
Македонија

Поевтинуваат нафтените деривати

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 5,56% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката од 24.02.2020 година.

Од ноќеска на полноќ 00:01 часот на 03.03.2020 година, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 3 денари за литар и ќе изнесуваат 64 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-95 и 66,00 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-98.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 2,5 денари/литар и од ноќеска на полноќ малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 56,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) на полноќ ќе изнесува 45,00 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 3,175 ден/кг и ќе изнесува 30,390 ден/кг.

Од ноќеска на полноќ 00:01 часот на 03.03.2020 година максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 64,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС -98 66,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 56,00 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 45,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 30,390 (денари/килограм)

Клучните фактори што влијаат на крајната цена согласно Методологијата за формирање на цените е курсот на денарот во однос на доларот и референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат намалување и тоа кај бензинот во просек за околу 10,40%, кај дизелот намалување е во просек за околу 9,63%, кај екстра лесното масло има намалување во просек за околу 9,47%, мазутот е намален во просек за околу 12,01%. Во исто време курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е намален за 0,35%. Согласно Методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно прилагодување.

Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 03.03.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.