29/03/2024
Македонија

Покана за учество на тематски состаноци за националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018 – 2020

Министерството за информатичко општество и администрација организира тематски состаноци за четвртиот национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2018 – 2020.

Тематските состаноци ќе се одржат во ЕУ инфо центарот, со почеток во 9.45 часот и ќе бидат посветени на различни области, со следниот распоред на одржување:

– Транспарентност, отчетност и проактивност – 26.03.2018 година (понеделник)

– Спречување на корупција и промовирање на доброто владеење – 29.03.2018 година (четврток)

– Ефективни јавни услуги и добро владеење на локално ниво – 30 .03. 2018 година (петок)

Заинтересираните учесници треба да бидат претставници на граѓански организации кои работат во областите кои се релевантни за соодветните тематски состаноци.

За учество на состаноците потребно е да го потврдите своето учество, наведувајќи за кои тематски состаноци се пријавувате на info@rcgo.mk, најдоцна до 23-ти март 2018 година.

Тематските состаноци се со поддршка на проектот „Национален ресурсен центар за граѓански организации” финансиран од Европската Унијa, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Целта е да се информира за остварениот прогрес и да се приберат предлог мерки и активности кои потенцијално можат да се вклучат во четвртиот национален акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020.

Владата на Република Македонија во 2011-та година пристапи кон глобалната инцијатива за Отворено владино партнерство – ОВП која претставува меѓународна платформа во рамките на која владите и граѓанските организации се залагаат за влади кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Согласно обврските за сите земји кои се приклучија кон оваа инцијатива, Владата до сега има усвоено три акциски планови во 2012-та, 2014-та и во 2016-та година за соодветните двегодишни периоди.

Од почетокот на оваа година МИОА започна со подготовки на нов ОВП акциски план за периодот 2018-2020 во чија што подготовка има намера да ги вклучи сите релевантни чинители.