19/04/2024
Македонија

Поскапуваат нафтените деривати

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 8,51% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 04.05.2020 година.

„Минатата недела на светскиот пазар беше регистрирано зголемувањето на референтните цени на сите нафтените деривати, а дел од нив пораснаа приближно и за 50%. Пазарот реагира на намаленото производство како резултат на одлуката од последниот состанок на ОПЕК на кој се заклучи да се ограничи производството на сурова нафта со што практично се прави обид да се отпочне со урамнотежување на понудата и побарувачката на пазарот со сурова нафта. Иако пазарот реагира на намаленото производство, сеуште цените на нафтените деривати во овој момент се под нивото на цените на нафтените деривати кои ги имавме минатата година.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Од вечерва на полноќ малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 3,50 денари за литар и ќе изнесуваат 54,00 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-95 и 56,00 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-98.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 45,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 2,50 денари за литар и ќе изнесува 33,50 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 2,026 ден/кг и ќе изнесува 18,169 ден/кг.

Од 12.05.2020 година максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 54,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 56,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 45,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 33,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 18,169 (денари/килограм)

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.05.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Инаку минатата недела на светските берзи најголемо зголемување имаше на цената на бензинот и тоа во просек за околу 47,58%, а кај дизелот зголемувањето е во просек за околу 41,13%. Цената на екстра лесното масло порасна во просек за околу 38,69%, додека кај мазутот се регистрира зголемување во просек за околу 24,73 %.

Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот бележи незначителен пад за 0,025 %.

Согласно Методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно прилагодување.