25/04/2024
Македонија

Потпишан анекс на новиот колективен договор за зголемување на коефициентот на медицинските сестри

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со претседателот на Самостојниот синдикат на клинички центар, д-р Горан Беговиќ и претседателот на Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, д-р Љубиша Каранфиловски денеска потпишаа анекс на новиот колективен договор за зголемување на додатокот на плата за прекувремена работа, работа ноќе и работа на дежурство.

Според анексот од новиот колективен договор, вредноста на процентот за ноќен труд на медицинските сестри ќе се пресметува по нов повисок коефициент од 0,50 проценти.

Претходниот коефициент изнесуваше 0,29 проценти за ноќен труд. Имено, за 8 часа ноќен труд, медицинските сестри со средна стручна спрема ќе земаат нето износ од 440 денари, медицински сестри инструментарки 446 денари, медицинска сестра со висока школа 483 денари, а медицинска сестра со висока стручна спрема 544 денари.

Министерство за здравство продолжува понатаму да работи на подобрување на состојбите во здравството, унапредување на условите и капацитетите во здравствениот систем, како и за зголемување на надоместоците на целокупниот медицински кадар во земјава.