16/04/2024
Македонија

Потпишан билaтерален договор со Швајцарската Влада за водоснабдување на Делчево

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, градоначалникот на општина Делчево Горан Трајковски, директорот на ЈПКД Брегалница Розета Цонева и Н.Е. Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија денес потпишаа Билатерален договор за доделување на техничка и финансиска помош за проектот „Водоснабдување на Делчево”. Со потпишување на овој билатерален договор помеѓу Владата на Република Македонија претставувана од Министерство за животна средина и просторно планирање и Владата на Швајцарската Конфедерација претставувана од Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија (SECO), официјално започна реализација на проектот со кој на жителите на Делчево ќе им се обезбеди пристап до поквалитетна вода за пиење и ќе се подобри квалитетот на водата од реката Брегалница.

Договорот предвидува реализацијата на проектот да се спроведува во две фази: првата фаза е финансиска и техничка помош за системот за водоснабдување во Делчево, а втората фаза е третман на отпадни води во Делчево.

Со реализација на зафатите предвидени со проектот ќе се обезбеди: подобрен квалитет на водата за пиење, унапреден систем за водоснабдување во општина Делчево со прифатлива цена на чинење, зајакнати капацитети за финансиско и оперативно управување на јавното претпријатие Брегалница во Делчево и подобрено управување со водните ресурси во Делчево како поддршка на адаптацијата кон климатските промени.

Овие зафати ќе чинат околу 7,3 милиони швајцарски франци, од кои приближно 1,3 милиони се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Делчево.

Според зборовите на министерот Садула Дураки со овој проект не само што ќе им се обезбеди на жителите на Делчево пристап до поквалитетна вода за пиење со што ќе се подобрат и условите за живеење, ќе се заштитат водите од реката Брегалница и ќе се придонесе кон економскиот развој на регионот во целост, туку ќе ѝ се помогне на Македонија да одговори на директивите на ЕУ за пречистување на водата за пиење.