19/04/2024
Македонија

Потпишан договор за кофинансирање на проект за прекугранична соработка со Грција

Денес (21 септември 2018 година), министерот за локална самоуправа г-дин Сухејл Фазлиу и директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски, потпишаа договор за кофинансирање на Проект од Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција.

Учесници во Проектот за „Развој на гранична инфраструктура помеѓу Република Македонија и Република Грција – We cross borders” се Царинската управа како партнер-носител и Министерството за внатрешни работи како партнер-учесник од Република Македонија, во соработка со Децентрализираната управа за областа Македонија и Тракија од Република Грција.

Преку овој проект ќе се реконструираат ГП Богородица и ГП Дојран и се очекува предвидените активности за осовременување на граничните премини да придонесат кон поголема функционалност, забрзан проток на сообраќајот и зголемен квалитет на услугите за вработените и патниците, како корисници на граничните премини.

Проектот е финансираат од ИПА инструментот на Европската унија, а согласно правилата за реализација на ваков вид на проекти кои се финансираат од средства на ЕУ, предвиден е дел на национално кофинансирање. Средствата за национално кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа, од буџетот на државата.

Поаѓајќи од гореневеденото, денес се потпиша Договорот за кофинансирање со што од вкупниот износ на Проектот наменет за Република Македонија кој изнесува 379.090,00 евра, со потпишување на Договорот за национално ко-финансирање, се обезбедија и 15% средства кои изнесуваат 56.863,50 евра.