23/04/2024
Македонија

Потпишан Меморандум за соработка со Факултетот за безбедност и академски час со студентите на Факултетот за безбедност

Денеска во Домот на АРМ, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и деканот на Факултетот за Безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски, потпишаа меморандум за соработка помеѓу двете институции.

Министерката Шекеринска во изјава за медиумите рече дека Владата води сметка да работи инклузивно со вклучување на различни институции кои можат да бидат од полза и на безбедноста на државата и на образовните институции.

„Нашата цел со овој Меморандум е да ја зголемиме тековната соработка. Тоа значи дека студенти од Факултетот за безбедност ќе можат да се стекнат со директно искуство работејќи во Министерството за одбрана, нудејќи поддршка и стекнувајќи искуства, но од друга страна и нашите вработени во Министерството за одбрана ќе можат да ги користат советите, искуството и знаењето од професорскиот кадар на Факултетот за безбедност“ – рече министерката Шекеринска, при што додаде дека младите дипломци и студенти нема да ги разгледуваат овие прашања само на ниво на теорија туку ќе имаат шанса во тек на студиите да видат како изгледа тоа во пракса.

Министерката Шекеринска истакна дека Владата сака да соработува со академската заедница, да соработува со образовните институции и со тоа да покаже дека ќе им даде реална шанса на нашите млади. „Од една страна во Македонија често се жалиме дека имаме дефицит на стручни кадри а од друга страна гледаме како многу наши млади ја напуштаат татковината. Ваквата соработка со Универзитетот, ваквите отворени врати на младите кон институциите, се надеваме дека ќе стават крај и ќе ги намалат големите одливи на стручни кадри кои што Македонија не смее да си дозволи да ги изгуби“.

По денешното потпишување меморандум, беше реализирана активноста т.н. „Академско кафе“, односно, можност за директна средба и размена на мислења на студентите со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Тема на разговорите беа актуелни прашања во врска со безбедноста, трансатлантските односи, членството на Македонија во ЕУ и НАТО, реформите во безбедносните системи и кризниот менаџмент и сл.