28/03/2024
Македонија

Потпишан Меморандум за соработка за креирање на Стратетегија за енергетика на Република Македонија

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот задолжен за Европа и Америка во британското министерство за надворешни работи и Комонвелтот Сер Алан Данкан денес го потпишаа меморандумот за соработка во насока на креирање на Стратегијата за енергетика на Република Македонија во наредните 30 години.

Вицепремиерот Анѓушев се заблагодари за поддршката од страна на Обединетото Кралство во процесот на креирање на нова Стратегија за енергетика, како и за севкупната поддршка во процесот на евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

„Стратегијата за енергетика произлегува како обврска од новиот Закон за енергетика и го офаќа периодот од наредните 30 години. Последната стратегија беше донесена во 2010 година, а наредната требаше да се донесе во 2015 година, но за жал ниту Стратегијата, ниту новиот Закон за енергетика не беа донесени од претходната влада. Сега забрзано ги поправаме сите грешки од минатото и се надевам дека новата Стратегија за енергетика ќе биде добра рамка за енергетскиот развој. Планирано е новата стратегија да ги интегрира и климатските и еколошките аспекти на енергетскиот сектор со тоа што ќе има за цел да предложи достапна, сигурна и одржлива енергетска иднина на земјата. Во процесот на изработка на стратегијата ќе бидат вклучени и консултирани и невладините организации од областа на екологијата кои за првпат ќе бидат вклучени во ваков сериозен процес кој се однесува на донесување на важен стратешки документ“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Британскиот министер Алан Данкан појасни дека британската Влада донира грант во вредност од околу 780 илјади фунти, наменет за експертиза за Стратегијата за енергетика со која ќе се обезбеди сигурност, диверзификација и еколошки пристап во енергетскиот сектор во Македонија.

„Ми претставува чест што Обединетото Кралство може да помогне во креирање на нова Стратегија за енергетика, особено што на земјата и е потреба диверзификација на енергијата, но и стабилност во снабдувањето со енергенси. Доаѓам во еден посебен период, особено важен за земјата. Искрено се надевам дека граѓаните, особено младите во Република Македонија ќе излезат на референдумот на крајот на месец септември, кој претставува еден чекор напред за Вашата земја. Изборот е на граѓаните, не е мое да Ви кажувам што треба да правите, но Ве поттикнувам да учествувате, тоа е чекор напред за државата, чекор напред кон светот и чекор напред кон членството во НАТО и ЕУ“, нагласи министерот Данкан.

Министерот Бектеши истакна дека министерството за економија активно ќе биде вклучено во процесот на креирање на новата стратегија за енергетика.

„Целта е да имаме што подобра стратегија за енергетскиот сектор. Ќе се работи напорно во текот на оваа и наредната година, за да добиеме вистинска насока како ќе се развива енергетиката која е многу важна, а притоа да се внимава на заштитата на животната средина и да се обезбеди сигурна иднина на енергетските капацитети во Македонија“, потенцираше Бектеши.

Стратегијата за енергетика ќе биде изработена од Прајсватерхаус Куперс, а во соработка со Македонската академија на науки и уметности и се очекува да биде готова до последниот квартал на 2019 година.