29/03/2024
Македонија

Потпишан Меморандум за соработка за поддршка на изборните реформи

Со цел да се зајакнат институциите кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси, со фокус на внатрешно демократизирани политички партии, чии политики и изборни програми се ориентирани кон граѓаните и нивните потреби, денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во име на Владата на РСМ потпиша Меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка Сибил Зутер во име на Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршка на изборната реформа во РСМ за периодот 2019-2023 година.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Зоран Заев:

„Туку што го потпишавме Меморандумот за соработка во Програмата „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија” со Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија во име на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Реформирањето на изборните процеси во согласност со демократските принципи и почитувањето на човековите права е приоритет на Владата. Поддршката од Швајцарската влада е исклучително важна за реализација на нашите заложби токму во овој дел. Основната цел на програмата е спроведување демократски и кредибилни избори, кои ќе овозможат политичко учество на гласачите преку избор на нивни претставници од кои ќе се бара отчетност.

Конкретно, програмата треба да резултира со зајакнати институции кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси. Исто така, фокусот ќе биде на внатрешно демократизирани политички партии, чии политики и изборни програми треба да бидат ориентирани кон граѓаните и нивните потреби. Од друга страна, граѓаните ќе бидат подобро едуцирани и информирани за да бараат отчетност од политичките партии и избраните функционери.

Цел на Владата е да обезбеди одржливост во спроведувањето на овие цели. Оттука, по завршување на поддршката од Швајцарската влада предвидено за 2023 година, сите алатки и инструменти развиени преку програмата ќе бидат преземени од министерствата за да се користат и понатаму за истата намена.

Потпишувањето на овој Меморандум е важен чекор на долгиот и успешен пат на градење пријателски односи и соработка со Швајцарија. Моја намера е ваквата соработка во делот на изборните реформи, но и за другите важни прашања да се развива и понатаму.

Како Влада секогаш сме отворени за сериозни и суштински реформи во изборниот процес. Нам ни е многу важно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот процес, да бидат мотивирани да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем. Ние сме подготвени да ги спроведеме сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР за подобрување на изборниот процес на наредните парламентарни избори во април 2020 година.

Сакаме да одиме секако и чекор понатаму, бидејќи за нас фер, демократски и слободни избори се стандард кој веќе го достигнавме на претходните одржани локални и претседателски избори, но тука не треба да застанеме.

Знаете дека како политика на оваа Влада, отворени сме за дебата за промена на изборниот систем и воведување на една изборна единица, отворените листи и систем кој ќе овозможи поголема претставеност на граѓаните во Парламентот и поголема мотивација за учество на изборите.

Исто така, ја поттикнавме и ја охрабруваме дебатата за 50 – 50 рамноправна застапеност на двата пола на изборните листи, дел од политичките партии во државата веќе ќе го применуваат овој модел, но убаво е и системските решенија да ја налагаат рамноправната застапеност.

Важна е и севкупната демократизација на политичките партии, којашто за нас е од суштинска важност кон патот за демократизација на општеството и државата со единствена цел – враќање на политиката кај граѓаните и отворање на политиката како можност за секого.

Пред нас се клучни избори во април 2020 кои ќе го одредат натамошниот пат на државата и кои ќе ја потврдат Северна Македонија како одличен пример за фер и демократски избори во последните три години.

Благодарни сме на Швајцарската амбасада која со овој проект отвори можности за десетгодишна реформа на изборниот систем кој ги опфаќа сите клучни институции, сите политички партии и сите битни фактори од граѓанското општество.

Ваков сеопфатен проект не сме имале и тој неминовно ќе има сериозни политички и позитивни ефекти во нашата земја. Уште еднаш благодарам на граѓаните на Швајцарија, плаќајќи своите даноци коишто придонесуваат навистина да ги унапредиме и зајакнеме нашите капацитети како општество и како држава.