28/03/2024
Македонија

Потпишан нов договор за финансиска донација за МВР вредна еден милион евра

“Како резултат од нашето долгогодишно партнерство и пријателство со Чешката република денес, македонското МВР од своите чешки колеги добива уште една вредна финансиска донација во висина од 25 милиони чешки круни, или еден милион евра,  а наменети за зголемување на капацитетите на македонската полиција, односно за набавка на техничка опрема во согласност со нашите потреби за справување со последиците од мигрантската криза“, ова меѓу другото го изјави министерот Оливер Спасовски по денешното потпишување на Договорот за донација со амбасадорот на Чешката република во Македонија, г-динот Мирослав Томан. 

Пактично со оваа донација чешкото МВР, односно Владата на Чешка Република досега за потребите на македонската полиција донираа материјално – технички и финансиски средства, кои заедно со оваа денешна донација се во висина од околу 3.000.000 евра. Помош, што, како што потенцираше Министерот Спасовски, е повеќе од добредојдена и важна, како од аспект на поефикасно работење на нашите полициски служби, така и од аспект на длабочината и интензитетот на соработка и поддршката што ја имаме од нашите чешки пријатели. 

Министерот Спасовски исто така ја посочи и важната улога на чешките полициски службеници во остварувањето на поуспешен надзор и контрола на државната граница на Република Македонија кон нашиот јужен сосед. Како резултат на таа соработка во овој проект започнат во 2016 година, министерството за внатрешни работи на Чешка Република до почетокот на август 2018 година ќе упати вкупно 734 чешки полициски службеници на територија на Република Македонија распределени во 19 контингенти, коишто пак заедно со нашите полициски службеници вршат надзор и контрола на јужната граница.