29/03/2024
Македонија

Потпишан Протокол за соработка во областа на образованието меѓу МОН и Министерството за цивилни работи на БиХ

Министерката за образование и наука на Република Македонија Рената Дескоска и министерот за цивилни работи на Босна и Херцеговина Адил Османовиќ, денеска во Скопје потпишаа Протоколот за соработка во областа на образованието.

Со склучувањето на Протоколот за соработка во областа на образованието, ќе се овозможи натамошен развој и продлабочување на постоечката билатерална соработка меѓу двете земји.  

39870594915 f10bbebf05 k

За таа намена се предвидуваат следниве форми на соработка:

• На учениците ќе им се овозможи правото да запишуваат основно, средно и високо образование под истите услови кои важат за државјаните на двете земји. 

• Постигната е согласност и во поглед на плаќањето на школарини за високо образование односно да се применуваат еднакви критериуми кои важат за  домашните  студенти. Во поглед на студирањето, како и во поглед на уредување на други прашања во високото образование, договорено е да се применуваат начелата на универзитетската автономија.

• Во рамки на овој Протокол, предвидена е и потребната заемна  помош и поддршка кон воведување на заеднички последипломски студии меѓу заинтересираните високообразовни установи кои се од заемен интерес, а во согласност со внатрешно законодавство на двете земји.

• Договорено е и зајакнување на  заемната соработка во областа на образованието, особено размената на искуства во реформите на воспитно-образовниот систем, како дел на процесот на пристапување кон Европската унија и тоа директно или во рамки на мултилатералните програми на Европската унија и регионалната програма ЦЕЕПУС. 

• Со одредбите на овој Протокол ќе се овозможи и поттикнување на директна соработка и со другите заинтересирани организации и поединци во областа на високото образование.

38956426990 b9fea3f8d3 k

• Со цел зајакнување на развојот и унапредувањето на соработката во областа на образованието меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, а со уверување дека таквата соработка ќе допринесе за подобро разбирање и зајакнување на сестраните односи меѓу двете држави, меѓусебно ќе се поттикнува и овозможува студирање и учење на македонски јазик и на официјалните јазици на Босна и Херцеговина, како и книжевноста на двете земји, односно ќе се поддржува развојот и напредокот во учењето на мајчиниот јазик и култура, за децата и младинците, припадници на македонската заедница во Босна и Херцеговина и припадниците на босанско херцеговската заедница во Република Македонија.